Уметницата Тања Балаќ со својот нов проект „Телото што ја памети тишината“ на 31 март, од 20:00 часот, ќе се претстави во Музејот на современа уметност – Скопје. Изложбата е структурирана како просторно и визуелно искуство што се одвива во две целини: инсталација во изложбениот простор и видео проекција во кино салата. Преку минимални, но внимателно артикулирани елементи – светлина, боја и движење авторката создава амбиент што повикува на засилена перцепција и внатрешна концентрација. Станува збор за мултимедијално дело што ги истражува односите меѓу меморијата, тишината и трауматското искуство.
Во фокусот на проектот е идејата за телесна меморија — како тивко, често невидливо присуство што ги носи и трансформира искуствата, без нужно да се манифестира директно или наративно. Проектот се навраќа на интимни и суптилни состојби, отворајќи простор за нивно ненаметливо, но силно доживување.
-Видео-делото на Тања Балаќ, „Телото што ја памети тишината“, постои надвор од календарските ознаки, надвор од временската логика на комеморацијата на интерсекционалните женски борби. Постои во времето на телото, односно во време кое не се движи напред праволиниски, туку во кругови, се повторува, се враќа… Телото што се сеќава не е само моето тело или твоето тело, туку и нашите тела; акумулираното месо на сис жени и трансродови лица, на сите оние чии приказни, медицински истории и животи биле нападнати, обезвреднети или избришани во патријархалните капиталистички системи. Записот што го чуваат телата е колективна композиција, напишана низ генерации. Траумата е во нас пред да ги живееме сопствените животи. Телото се сеќава на она што никогаш не го доживеало директно. Тишината што ја наследуваме се гради со векови… Никогаш не ни било судено да преживееме. А сепак, еве нè. Дишеме. Паметиме. Конечно зборуваме, пишува за изложбата Алесандра Чианети, кураторка од Лондон.
Изложбата ќе ја отвори проф. д-р Антоанела Петковска редовен професор при Институт за социологија на Филозофскиот факултет. Проектот е поддржан од Министерство за култура и туризам.
Tања Балаќ (1968 / Скопје), е визуелна уметница која живее и работи во Скопје.
Во 1991 година дипломира на ФЛУ, на одделот за сликарство,а на истиот оддел магистрира во 2008 година. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006-2013 година и негова претседателка. Своето професионално уметничко искуство постојано го збогатува со работни и студиски посети во странство, учество на меѓународни фестивали и изложби, за кои има добиено повеќе награди и признанија. Покрај сликарството, во последната декада истражува и реализира дела во различни медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео уметност.












