Јиржи Лехечка не успеа да ја освои титулата во Мајами, но покажа класа и спортски дух по финалето, оддавајќи му почит на Јаник Синер. Чешкиот тенисер, видливо разочаран, но смирен, се обрати на публиката за време на церемонијата и нагласи дека и покрај поразот, има многу причини да биде среќен.
- Не е лесно да се стои тука по таков пораз во финалето. Ако треба да загубам од некого, нека биде од тебе, Јаник. Ти честитам тебе и на твојот тим за неверојатната работа што секогаш ја работиш. Мислам дека ова беше одличен турнир. Дојдов тука надвор од форма, а успеав да го пронајдам тенисот што сакам да го играм, рече Лехечка и продолжи:
- Сакам да им се заблагодарам на сите што го организираат овој турнир. Благодарам на мојот тим… на сите мои пријатели таму. Тоа ми значи многу. На сите што ме поддржуваат дома, што ме гледаат на телевизија и навиваат цела недела – тоа ми значи многу. Среќен сум и тажен во исто време. Се надевам дека следниот пат ќе го кренам трофејот.
Со овој резултат, Лехечка стигна до најдобриот ранг во кариерата и од понеделникот е рангиран на 14-то место на АТП ранг-листата.











