Благодарение на истражувачкиот проект на ИКОМОС Македонија и материјалите од приватната архива на уметникот Борко Лазески, делото „Битола, бабам Битола“, создадено во 1991 година, доби живот. – Борко беше вљубеник во ѕидот. Тој беше најсреќен кога имаше можност да создава дела на sид. Се залагаше за јавна уметност, достапна за сите – вели Росица Лазеска, ќерката на Борко Лазески. Taa за весникот ВЕЧЕР зборува за иницијативата за афирмација на муралот и за што сведочи приватната архива на Лазески

 

Во шалтер-салата на Главната пошта во Битола се наоѓа уметничко дело што крие многу повеќе од она што може да се забележи на прв поглед. Муралот „Битола, бабам Битола“, создаден во 1991 година од Борко Лазески, еден од основоположниците на современото македонско сликарство, е монументална композиција со повеќе од 90 лика. Тој претставува сликовен запис за еден од најзначајните периоди во историјата на градот, времето на конзулите, трговците, револуционерите… за времето, луѓето и за духот на градот. Создаден од уметник што ја оставил својата визија на ѕидот како трајно сведоштво, овој мурал за битолчани е многу повеќе од уметничка декорација.

Благодарение на истражувачкиот проект на Македонскиот национален комитет на ИКОМОС, ова значајно дело доби нова можност да биде откриено, проучувано и зачувано за идните генерации. Росица Лазеска, ќерката на Борко Лазески, за весникот ВЕЧЕР зборува за иницијативата за афирмација на муралот, за тоа што сведочат скиците, дневниците и видеоматеријалите и зошто јавната уметност заслужува поголема грижа. За неа, повторното отворање на приказната за муралот има особено значење, бидејќи станува збор за последното монументално дело на нејзиниот татко, создадено кога имал 74 години.

– Многу ми значи и ме радува што ова дело го доби соодветното внимание што го заслужува. Оваа фреска, како негово последно монументално дело, беше сосема заборавена. Дали беше тоа затоа што 1991 година беше време на големи општествени промени или затоа што излегуваше фреската од рамките на неговите претходни дела, работени во посткубистички стил, како ликовно така и тематски, тешко е да се каже. Ова дело е реализирано во реалистичен стил и ги обработува темите од животот на Битола од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Иницијативата за овој проект дојде од Марија Петровска, архитектка од Битола, која е воедно активна членка на ИКОМОС. Таа ми се обрати уште на почетокот од 2025 година и ја изложи својата замисла за афирмација на муралот преку истражување на материјалите поврзани со него. Така почнав да барам сè што беше поврзано со ова дело и што можеше да послужи за реализација на оваа убава идеја. Во ателјето беа зачувани скици, картони во размер 1:1 за фреската, а потоа пронајдов и записи во неговите дневници, како и обемни видеоматеријали. ИКОМОС, од своја страна, се заложи проектот соодветно да се реализира – објаснува Росица Лазеска.

Повеќе од 90 лика и исто толку приказни

Изведен во акрилна техника директно на ѕид, со димензии од 3 × 7,14 метри и површина од приближно 22 квадратни метри, муралот ја раскажува приказна за градот во времето кога бил тој еден од најзначајните политички, трговски и културни центри на Балканот. Градот бил прочуен по својот динамичен општествен и културен живот, овековечен и во песната „Битола, бабам Битола“, која послужила како мото за делото. Во документот подготвен од самиот автор, од 15 декември 1991, се вели дека во делото се прикажани симболи и портрети на личности што дејствувале во Битола.

– Композицијата го опфаќа и секојдневниот живот на градот: активностите на поштенската служба, животот покрај Драгорот… На еден од столбовите е прикажан градскиот часовник, а на муралот се испишани и стихови од песната што му го дала насловот на муралот. Муралот ги претставува значајните личности на градот, меѓу кои турскиот градоначалник, рускиот конзул Александар Ростовски, српскиот конзул Бранислав Нушиќ, Крсте Мисирков… а тука е и еден граѓанин што чита весник, како знак дека во тоа време во Битола излегувале неколку весници, верски великодостојници… Над оваа група симболично е прикажана Слободата, во вид на гола девојка со раскрилено црвено знаме на кое пишува „Македонија на Македонците“, како и ликот на Гоце Делчев, симбол на македонската револуција. Меѓу групите е сместена и Зандан-кулата, озлогласениот османлиски затвор во кој лежеле многу македонски борци за слобода. Во другите делови на композицијата се прикажани маскенбал, пејачи, свирачи, клавирски концерт, што упатува на развиениот музички живот во тогашна Битола, во која имало над 500 клавири. Прикажани се и убави дами, лазаретка, Евреи и Милтон Манаки, кој симболично го документира градскиот живот со својата камера. Во долниот десен дел се претставени продавачката на цвеќиња, гусларот Апостол со своето куче и децата што го слушаат, како и Елена Каринте, младешката љубов на Кемал Ататурк, во разговор со него. На муралот е насликан и самиот уметник, кој слика, но на сликата е потпишан Владимир Јорданов, кој одиграл клучна улога Лазески да стане уметник. На горната хоризонтална греда, пак, се портретите на револуционерите Даме Груев, Ѓорѓи Сугарев, Алексо Турунџев, Дончо Штипјанчето и ликот на непознат борец. Меѓу нив се Широк сокак, како една од најважните карактеристики на градот Битола, и врвовите на Пелистер – стои, меѓу другото, во објаснувањето на авторот.

Многубројните ликови отвораат можности за препознавање историски личности, настани и сцени што го обележале животот на Битола.

Архивата го открива патот до делото

И покрај уметничката и историската вредност на муралот, за неговото создавање, подготовките и за идентитетот на прикажаните личности немало широко достапни податоци, што ја наметнало потребата од сериозна истражувачка работа. Една од најзначајните придобивки на проектот е можноста да се согледа не само конечниот резултат туку и творечкиот процес низ кој поминал уметникот. Приватната архива на Борко Лазески, која им ја ставила Росица Лазеска на располагање на истражувачите, содржи лични белешки, писма, подготвителни скици, студии, фотографии и видеоматеријали. Истражувањето опфатило и литература што ја користел, како и материјали од Архивот на Битола.

– Приватната архива одигра клучна улога во откривањето на помалку познатите аспекти на оваа фреска. Работните скици го откриваат ликовниот пат по кој поминувал тој пред да го создаде делото. Во дневничките записи може да се видат неговите размислувања и истражувања поврзани со темата на фреската, а преку нив истражувањето значително се продлабочи. Видеоматеријалите, пак, овозможија директно да се следи процесот на создавање – посочува Лазеска.

Особено важен аспект е и односот на уметникот кон јавниот простор. За разлика од делата наменети за галерии или за приватни колекции, муралот е создаден за да биде дел од секојдневието на граѓаните. Токму тоа, според сеќавањата на неговата ќерка, било суштински дел од неговото уметничко уверување.

– Борко беше вљубеник во ѕидот. Тој беше најсреќен кога имаше можност да ги создава своите дела на sид. Се залагаше за јавна уметност, достапна за сите, поставена во јавни простори, која ќе комуницира со широката публика – вели таа.

За тоа сведочи и еден запис од дневникот на уметникот, кој ни го откри Лазеска: „Фреската е моето широко обраќање кон луѓето околу мене. Насликана, фреската станува сечија и општа своина, еден вид масовен медиум“.

Оваа мисла добива особено значење во контекст на муралот во битолската Пошта, кој, според Лазеска, бил направен по барање на тогашниот директор, кој бил голем вљубеник во уметноста.

Дигиталното документирање – нов живот за културното наследство

Токму потребата да се документира, проучи и да се доближи делото до пошироката јавност е во основата на проектот „Дигитално документирање и афирмација на последниот мурал на Борко Лазески ‘Битола, бабам Битола’“, реализиран во 2026, од Македонскиот национален комитет на ИКОМОС.

– Дигиталниот запис е особено важен за документирањето на состојбата на делото и за неговото идно следење – велат од ИКОМОС.

Проектот е надополнет со едукативна видеопрезентација, архивски материјали и со подготвителни скици. Со тоа резултатите од истражувањето излегуваат од тесниот круг на стручната јавност и стануваат дел од пошироката културна понуда на градот.

– Сето тоа придонесе да се направи одличен видеозапис за фреската „Битола, бабам Битола“, кој ќе може да се гледа на Интернет и преку кој ова дело ќе им се доближи на голем број љубители на уметноста – истакнува Росица Лазеска.

Тридимензионалниот модел може да се разгледа преку линкот објавен од ИКОМОС Македонија, додека видеото е достапно на јутјуб-каналот на организацијата.

И покрај тоа што муралот на Борко Лазески е добро зачуван, неговиот пример ја отвора и пошироката тема за грижата за монументалните дела во јавниот простор.

– За среќа, ова дело е одлично зачувано, што не е случај со монументалните дела во јавните простори кај нас. Сите очекуваат надлежните институции соодветно да се грижат за овие дела, но, за жал, ретко се случува тоа – вели Росица Лазеска.

Нејзиното сведоштво потсетува дека се потребни континуирано следење, документација, истражување и соодветна институционална грижа за да останат уметничките дела во јавниот простор достапни и за идните генерации.

(Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ