Во просториите на Друштвото на писателите на Македонија утревечер (31. октомври) во 12 часот ќе биде промовирана научната монографија „Сонетот во светската и во македонската книжевност“ од Елена Пренџова. Промотори се Зоран Анчевски и Ефтим Клетников.

-Во оваа компаративна студија, единствена од таков вид кај нас, Елена Пренџова го проследува историско-еволутивниот развој на сонетот низ различните книжевни епохи, од појавувањето во XIII век до почетокот на XXI век, во три национални книжевни традиции: италијанската, англиската и македонската. Всушност, оваа научна монографија претставува аналитички историографски преглед на сите аспекти на сонетот: формата, структурата, метриката, темите и мотивите.

Од големо значење е истражувањето за присуството на сонетот во словенските книжевни традиции, со посебен осврт кон македонската, вели Зоран Анчевски

Елена Пренџова (1985) е поетеса, слемерка и препејувачка од Скопје. Дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и се стекнала со звањето дипломирана професорка по Англиски јазик и книжевност. Магистрирала на истиот факултет и се стекнала со звањето магистер по Филолошки науки. Авторка е на 11 поетски збирки, дел од кои се наградени со националните поетски награди „Јован Котески“ (2018), „Даница Ручигај“ (2015), „Ацо Караманов“ (2014), „Македонска книжевна авангарда“ (2012) и „Бели мугри“ (2011). Го соорганизира националниот слем-натпревар од 2012 година. Како стипендистка на програмите „и-Портунус“, „Традуки“, Регионалната мрежа за културна разновидност – РЕАД, „Културата ја движи Европа“, како и „Про Хелветија“ и Куќата за преведувач(к)и „Лоорен“, остварила писателски и преводни резиденции во Албанија (2015), Естонија (2019), Словенија (2019), Србија (2021), Италија (2025) и Швајцарија (2026).

 

 

ИЗДВОЕНИ