-Институциите имаат законско право да изнајмуваат објекти, но директорите треба да внимаваат какви програми ќе се одржуваат и со каква намена, кажа на денешната прес -конференција министерот за култура Седат Сулејмани по повод снимањето на спотот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони во „Македониумот“ во Крушево, случај кој вчера предизвика бура реакции во јавноста.

Министерот Сулејмани, посочи дека за случајот дознал денес и дека сè уште нема конкретни информации и детали. Тој посочи дека како министер и Министерството за култура се надлежни да ги бранат сите артисти и културни работници, но дека ја разбира чувствителноста на случајот и најавува законски измени доколку е потребно, бидејќи според актуелните законски одредби постои можност за издавање на просторот за одредена сума.

На денешната прес – конференција од страна на медиумите е посочено дека е недолично и неспоиво ваков спот да се снима во објект кој има исклучително историско значење за државата и во кој се наоѓаат останките на Никола Карев.

Вчера директорот на институцијата во изјава за медиумите кажа дека одлуката ја донел Управниот одбор, но и дека дел од сцените не се снимени во Македониумот. Исто така беше посочено дека за снимањето на спотот не била запознаена ниту Управата за културно наследство.

Беше поставено и прашањето зошто вакви објекти како „Македониум“ не се дадени во владение на општините да менаџираат со нив, на што министерот Сулејмани одговори дека тоа е регулирано со Закон за децентрализација, но дека работите се одвиваат споро.

– Ова е нов проблем, спотот е снимен порано и ние како Министерство сме во процес на добивање на повеќе информации по што ако треба ќе се сретнеме и со Владата и ќе решиме како понатаму, кажа Сулејмани. Фото: ФБ

ИЗДВОЕНИ