вторник, ноември 17, 2026
Дома КУЛТУРА Промоција на книгата „Еднореченични“ од Виолета Танчева-Златева

Промоција на книгата „Еднореченични“ од Виолета Танчева-Златева

0

Во салонот „Империјал 2“ во Културно-информативниот центар – Скопје, на 18 ноември, од 19:00 часот ќе се одржи промоција на книгата „Еднореченични“ од Виолета Танчева-Златева. Промоторка на книгата ќе биде професорката Лидија Капушевска-Дракулевска, а со авторката ќе разговараат писателките Лидија Димковска и Милена Сиљаноска. Дел од расказите ќе ни прочитаат Ангела Бошкоска, Пепи Стамков, Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски.

„Еднореченични“ е во издание на издавачката куќа „Паблишер“, а станува збор за седмата прозна книга на Танчева-Златева, која е и поетеса, преведувачка и лекторка.

– Авторката ни покажува дека во книжевноста реченицата е отворена како вселена: таа крие безброј можности по кои може да се упати текстот. Зад секоја нејзина реченица, која има внатрешна драматика (експозиција, заплет, расплет), се крие по еден ненапишан роман, како што во секое зрно пченица се крие по еден невидлив клас – пишува за книгата писателот Венко Андоновски.

Според промоторката Лидија Капушевска-Дракулевска, книгата е илустративна за макотрпниот копнеж на еден творец по совршена форма и за потрагата по нови изразни можности. Лидија Димковска, пак, ги нарече овие еднореченични раскази луцидни и длабоки, богати со автентични ликови, теми, чувства и размисли, кои се читаат за миг, а траат вечно.

ИЗДВОЕНИ