Разоткриена е прокси мрежа во Македонија поврзана со ирански државјанин, чии членови преземале подготвителни логистички активности за извршување терористички акт, односно атентат врз лице во Грција. Ова вчера го објавија македонската Агенцијата за национална безбедност и Бирото за јавна безбедност при МВР по успешната акција водена во соработка со грчката национална разузнавачка агенција и други партнерски служби. Директорите, на прес-конференцијата информираа дека се работи за групата од шест македонски државјани на возраст од 22 до 73 години од Скопје и Куманово.
– Во рамките на случајот, на четири лица им е определен притвор, едно лице е во куќен притвор, додека шестото сè уште е недостапно за органите на прогонот. Едно лице било лишено од слобода во Грција и било предадено на надлежните органи во нашата држава. При претресите биле пронајдени и одземени мобилни телефони, лаптопи, персонални компјутери, УСБ-мемориски уреди, тефтери со контакти, скица со означена локација, како и огнено оружје и муниција, од кои дел без соодветна дозвола. Одземените предмети ќе бидат предмет на понатамошни анализи и вештачења – информира директорот на БЈБ, Александар Јанев.
На чело на мрежата Иранец, соработник на безбедносните служби
Тој објасни дека акцијата била водена од почетокот на 2026 година и траела околу девет до десет месеци во соработка со странските партнерски служби. Со размена на информации бил разоткриен и начинот на функционирање на мрежата, вклучително и одржувањето конспиративни средби на територија на трети земји, меѓу кои и Иран. Притоа, биле потврдени врските со иранскиот државјанин, кој се посочува како главен носител на планираната терористичка акција. Информациите укажуваат дека станува збор за лице кое има широка мрежа на прокси актери и контакти со лице од висок интерес за безбедносните служби, односно соработник на иранските безбедносно-разузнавачки служби.
– Биле преземени оперативно-технички и аналитички активности за разоткривање на мрежата, поврзана со иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маване, кој е идентификуван како лице поврзано со други прокси актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, вклучително и со наркобосот Наџи Шарифи Зиндашти. Во однос на македонската мрежа, станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава, кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземаа подготвителни логистички активности за извршување терористички акт/атентат врз лице во Грција – наведе Бојан Христовски, директор на АНБ.
Тој рече дека во интерес на натамошната истрага не може да се открие како идентитетот, така и професијата на лицето од Грција кое било цел на подготвувањето на атентатот.
– Нема сознанија за можни напади во Македонија поврзани со Иран, ниту информации дека лица од земјава биле потенцијални цели на такви напади – наведе Христовски.
Ризикот од терористички активности останува низок
Според директорот на АНБ, ваквите сознанија се совпаѓаат со случаи во кои повеќе држави во изминатиот период се соочиле со терористички закани и напади поврзани со ирански прокси актери, како и со обиди на иранските разузнавачки служби да ги прикријат своите активности преку криминални мрежи во трети земји.
– Агенцијата во рамките на своите надлежности останува фокусирана кон зачувување на националната безбедност, за што ќе продолжи со активности за детектирање и спречување на евентуални терористички закани преку прокси елементи од Иран, како и разоткривање на други лица инволвирани во ирански прокси мрежи – нагласи Христовски.
Директорот на БЈБ, Јанев, додаде дека од крајот на 2024 година до денес, во координација со АНБ, МВР постапувало во 10 случаи во кои биле опфатени вкупно 22 лица поврзани со подготвувањето на терористички дејства. Имало и два одделни случаи против две лица за кривичното дело „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации во обид“.
Според директорот на АНБ, Христовски, и покрај ова, ризикот од терористички активности во Македонија сепак не е голем.
– Ризикот од терористички активности останува низок и покрај глобалните предизвици кои се случуваат – нагласи Бојан Христовски. (Б. Ѓ.)
АНБ ја следи организацијата што Каиро ја прогласи за терористичка
АНБ ја следи одлука на Египет да прогласи една организација од Македонија за терористичка организација, одговори Христовски на новинарско прашање врзано со овој случај.
– АНБ со особено внимание ја следи последната одлука на Египет за една македонска организација која е прогласена за терористичка организација, дејствуваме во рамките на можностите, меѓународната соработка и активностите тука. И покрај тоа, АНБ во целост тековно ги следи сите активности кои се од позиција на насилен екстремизам и тероризам, само во изминатите две години имавме значителен придонес во рамките на борбата против тероризмот. Не постои каков било елемент за грижа, кај кого било, во однос на тоа што Египет има прогласено за терористичка организација една организација од Македонија, одговори Христовски.
Македонската исламска асоцијација се најде на списокот на организации што египетскиот Кривичен суд во Каиро ги прогласи за терористички. Одлуката, објавена претходно во египетскиот службен весник, опфаќа вкупно 35 организации и 36 луѓе од повеќе европски држави, кои ќе бидат внесени во националните регистри на терористички организации и лица во период од пет години. Меѓу организациите наведени во одлуката има исламски здруженија и институции од Франција, Велика Британија, Германија, Швајцарија, Шведска, Италија и од други европски земји. На списокот се наоѓа и организација од Македонија, наведена под арапското име „Таджаму ал-Шабаб ал-Ислами“, што во превод значи „Исламска младинска асоцијација. Од МВР, неодамна, за весникот ВЕЧЕР соопштија дека организацијата со таквото име не е регистрирана во нашата земја.












