вторник, ноември 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЕКСПЕРТСКА ДЕБАТА ЗА ПРОМЕНИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА СЕМЕЈСТВО: Крај на тајната за...

ЕКСПЕРТСКА ДЕБАТА ЗА ПРОМЕНИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА СЕМЕЈСТВО: Крај на тајната за биолошкото потекло на посвоените деца?

0
Членовите на Комисијата, но и бројни експерти и претставници на граѓански организации изразија поддршка на носењето на ваквите законски промени кои ги предложи пратеничката група на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, но и побараа време да се анализираат сите предлози и начини на кои треба законски да се уреди ова чувствително прашање

 

Неподелена поддршка на предлогот со кој посвоените деца, во одредени случаи, би можеле да ги дознаат биолошките родители, но и барања да се формулираат најдобрите законски решенија, беа изразени на вчерашната дебата организирана во собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади. Нејзините членови, но и бројни експерти и претставници на граѓански организации, изразија поддршка на носењето на ваквите законски промени кои ги предложила пратеничката група на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, но и побраа време да се анализираат сите предлози и начини на кои законски треба да се уреди ова чувствително прашање. Од таа причина, по бројни конструктивни сугестии, на крајот од дебатата, претставници на пратеничките групи договорија Комисијата да ја прекине својата работа, а во следниот период да се анализираат и да се сублимираат сите добри предлози за да се дојде до најдобри предлози за промени во постојниот закон кој ова право не го предвидува. Откако ќе завршат анализите, Комисијата ќе може да подготви и посебни амандмани кои ќе се вградат во законскиот текст.

Како што е познато, пратениците на ЗНАМ поднесоа предлог со кој посвоените лица би можеле да добијат законска можност да дознаат од кого потекнуваат, но без целосно укинување на тајноста на посвојувањето. Се работи за промени во Законот за семејството со кои би се утврдиле условите и околностите под кои посвоените лица би можеле да добијат информации за своето биолошко потекло, преку законски утврдена постапка и со одлука на стручна комисија. Како основа за измените е посочена пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во предметот „Митревска против Македонија“, со која во 2024 година беше утврдена повреда на правото на почитување на приватниот и семејниот живот.

Во дебатата, Маргарита Талески од граѓанската организација „Куќа на среќата“, изразни благодарност до ЗНАМ за поднесувањето на предлогот.

– Ова е позитивен исчекор, одредени прашања треба да се уредат во Законот, а не во правилникот. Ние предлагаме да се прецизира обемот на увидот на лицата во списите. Треба да се разграничи карактерот на увидот во документите за потеклото. Ние сме на ставот дека увидот треба да биде медицински и неидентификувачки. Би можело да се дознае само местото на раѓање и географското потекло на родителите. Секое ограничување на пристапот треба да биде образложено. Треба и да се уреди согласноста на биолошките родители кои кога го давале детето на посвојување, не знаеле дека еден ден ќе може да бидат откриени – нагласи Маргарита Талески.

Според правниот експерт Александра Цветановска, и сега во Македонија има активни случаи во кои посвоените лица бараат да ги дознаат биолошките родители.

– Таквата постапка сега се води пред Управен суд и посвоеното лице сака да добие пристап до медицинската документација. Но тоа не може да се реши веќе две години. Таков беше и случајот со Митревска, која секаде беше одбивана. Со предложените промени ќе одиме чекор натаму. Посвоените лица треба да знаат дали нивните родители биле болни од нешто – нагласува таа.

Даница Џонова од Бирото за застапување на Македонија пред Европскиот суд за човекови права потсети дека веќе се доцни со донесувањето на измените во Законот.

– Досега не е сторено речиси ништо во однос на изречените пресуди на Судот. Законот за семејството е веќе прилично стар и потребни се промени и поради други пресуди. Имало иницијативи, но досега не се направи никаква законска промена. Повикувам само да не се случи истото и со овој предлог сега – предупреди Џонова.

Дел од учесниците укажаа и на тоа дека треба да се води сметка и за ситуации во кои некои лица се родени со употреба на семенски материјал од донори од странство. Односно, дека при медицински интервенции е важно да се знае и анамнеза на болестите во семејството на одредено лице, посебно кога се работи за генетски наследени болести. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ