Туристичкиот успех не се мери само со бројот на посетители туку и со економската корист, квалитетот на живот на локалното население и зачувувањето на природните и на културните ресурси
Македонскиот туризам бележи позитивни резултати. Растот на бројот на странските туристи и зголемената меѓународна видливост се охрабрувачки показатели, но се отвора прашањето дали овој развој носи долгорочна економска и општествена корист за земјата.
Во септември 2026 година, Македонија ја посетиле 136.305 туристи, од кои 102.370 странски. Во споредба со истиот месец минатата година, бројот на странските туристи е зголемен за 2,1 процент, но нивните ноќевања се намалени за 2,3 проценти. Во периодот јануари – септември, пак, се бележи раст од 3 проценти кај странските туристи и 4,6 проценти кај нивните ноќевања.
Овие податоци отвораат пошироко прашање: колку долго остануваат туристите, колку трошат, колкав дел од потрошувачката завршува во домашната економија и какви последици оставаат врз локалните заедници и просторот?
Туристичкиот раст без соодветно управување може да има висока цена. Еден од најголемите предизвици е заштитата на природните ресурси. Охридското Езеро, Преспа, Дојран, Маврово, националните паркови и планинските подрачја се капитал чија вредност не може да се надомести со краткорочни приходи. Недоволното управување со отпадот, притисокот врз водните ресурси и неконтролираната градба можат да ја намалат атрактивноста на дестинациите. Туризмот не смее да ја троши сопствената развојна основа.
Важен е и ефектот врз локалното население. Сообраќајниот метеж, оптоварувањето на комуналните системи, растот на цените на недвижностите и нарушувањето на секојдневниот живот покажуваат дека задоволството на жителите мора да биде еден од показателите за успешноста на туристичката политика.
Друг проблем е економското истекување на туристичката потрошувачка. Големиот број посетители не гарантира дека придобивките ќе останат во домашната економија. Поголемата соработка на хотелите, рестораните и туристичките оператори со домашните земјоделци, производители и занаетчии може да обезбеди поголема корист за локалните бизниси и руралните заедници.
Сезоналноста, пак, ги ограничува конкурентноста и развојот на секторот. Концентрацијата на активностите во неколку летни месеци значи недоволно искористени капацитети, несигурност во вработувањето и потешко задржување на квалификуван кадар.
Постои и ризик од комерцијализација и губење на локалниот идентитет. Културното наследство, традицијата, гастрономијата и автентичноста се меѓу најголемите конкурентски предности на Македонија и не смеат да се сведат само на комерцијален производ.
Овие предизвици не се критика на туристичкиот раст, туку предупредување дека без соодветно управување тој може да ги загрози целите на одржливиот развој. Затоа, Македонија треба да направи исчекор од туристичка промоција кон стратешко управување со дестинацијата.
Тоа подразбира следење на носечкиот капацитет на туристичките подрачја, особено на еколошки чувствителните локации, како и локални планови за управување со отпадот, водата, сообраќајот и просторот. Потребна е подобра координација меѓу институциите, општините, туристичкиот сектор и локалното население.
Треба да се променат и критериумите за мерење на успехот. Покрај бројот на туристи и ноќевања, важни се просечната должина на престојот, дневната потрошувачка, локалната додадена вредност, сезонската распределба, квалитетот на работните места и задоволството на жителите.
Еден од приоритетите треба да биде продолжувањето на сезоната преку развој на културниот, руралниот, винскиот, еногастрономскиот, конгресниот, спортскиот и еколошкиот туризам. За тоа се потребни инфраструктура, професионален кадар, квалитетни туристички производи и долгорочна координација.
Значајна улога има и туристичката дипломатија, која треба да оди подалеку од саемските настапи и промотивните кампањи. Таа може да придонесе за отворање нови пазари, привлекување инвестиции и регионална соработка преку културни маршрути, вински патишта, гастрономски понуди и прекугранични иницијативи.
На крајот, останува суштинското прашање: каков туризам сакаме да развиваме и кому треба да му служи? Туризмот не е само економска дејност, туку и средство за меѓународно позиционирање, културна размена и развој на локалните заедници. Затоа, неговиот развој мора да биде заедничка обврска на институциите, бизнис-секторот, академската заедница и населението.
доц. д-р Љупчо Јаневски
(Авторот е универзитетски професор и туристички експерт)
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












