Употребата на тутун кај жените се намалува значително побавно отколку кај мажите, покажува анализата на Европската канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО). Европа и Централна Азија се единствените региони во светот кои не ја исполнуваат целта за намалување на употребата на тутун кај жените, а во 15 земји дури е забележан и пораст.
Според најновиот извештај на СЗО, повеќе од 22 отсто од возрасното население во европскиот регион на организацијата, кој опфаќа 53 земји од Европа и Централна Азија, користи тутун. Последиците се сериозни – тутунот годишно предизвикува околу 1,6 милиони смртни случаи во овој регион.
Анализата покажува дека употребата на тутун побрзо опаѓа кај мажите, кои и понатаму имаат повисока стапка на пушење. Кај жените намалувањето е многу побавно, а се проценува дека околу 63 милиони жени во европскиот регион користат тутунски производи.
Меѓу 2010 и 2025 година, употребата на тутун кај мажите се намалила од 39,3 на 30,3 отсто, што претставува пад од 23 проценти. Во истиот период, кај жените стапката се намалила од 19,6 на 17,3 отсто, односно за само 12 проценти.
Ниту мажите ниту жените не ја достигнале целта на СЗО за намалување на употребата на тутун за 30 проценти до 2025 година.
На глобално ниво, употребата на тутун кај жените во истиот 15-годишен период се намалила за 42 проценти. Европа е единствениот регион што не ја исполнил поставената цел. Во сите останати региони, уделот на жените кои користат тутун паднал под 10 проценти до 2025 година.
„Европскиот регион не постигнува доволен напредок во намалувањето на употребата на тутун ниту кај мажите ниту кај жените. Сепак, жените и девојките особено заостануваат“, изјави Кристина Мауер-Штендер, регионална советничка на СЗО за контрола на тутунот.
Девојчињата сè почесто користат електронски цигари
Загрижувачки се и податоците за употребата на тутун и никотински производи кај младите.
Околу 14 отсто од децата на возраст од 13 до 15 години во европскиот регион користат електронски цигари, што е приближно двојно повеќе од светскиот просек.
Во 29 земји девојчињата користат тутунски производи подеднакво често или почесто од момчињата. Кога станува збор за електронските цигари, во 35 земји девојчињата се подеднакво склони или почесто ги користат од момчињата.
„Тинејџерките денес пушат и користат електронски цигари подеднакво често како момчињата, па дури и повеќе од нив. Ништо од ова не е неизбежно. Знаеме кои политики даваат резултати“, посочи Мауер-Штендер.
СЗО бара повисоки даноци и построги правила
Светската здравствена организација ги повика државите да ги засилат мерките за контрола на тутунот. Меѓу препораките се зголемување на даноците, така што тие ќе сочинуваат најмалку 75 проценти од малопродажната цена на тутунските производи, доследно спроведување на забраната за пушење во затворени простории и забрана за рекламирање на тутунски производи.
Се бара и построга регулација на пазарот на електронски цигари, како и заштита на политиките за контрола на тутунот од влијанието на тутунската индустрија.
Во меѓувреме, Европската комисија подготвува обемна реформа на прописите за тутунските производи во Европската Унија. Се очекува новите правила да ги опфатат и никотинските производи, вклучувајќи ги електронските цигари и никотинските кесички, како и регулативите за пакувањето.
Посебниот план за зголемување на даноците на тутунските производи засега е запрен.
Минатата година организација за надзор на работата на институциите ги обвини функционерите на Европската комисија дека одржувале непријавени средби со претставници на тутунската индустрија, што би можело да претставува прекршување на правилата за транспарентност.
Според проценките, тутунската индустрија годишно троши меѓу осум и десет милиони евра за лобирање кај институциите на Европската Унија.












