среда, ноември 18, 2026
Дома СВЕТ Пентагон бара Украина да ги запре нападите длабоко во Русија: „Тоа е...

Пентагон бара Украина да ги запре нападите длабоко во Русија: „Тоа е контрапродуктивно“

0
EPA/SERGEY DOLZHENKO

Пентагон побара од западните земји кои ја поддржуваат Украина војната помош да ја насочат кон опрема што се користи во борбите на фронтот, предупредувајќи дека украинските напади длабоко на руска територија се контрапродуктивни и не придонесуваат за завршување на војната.

Украина во изминатите години разви значителни капацитети за производство на современи беспилотни летала, со кои напаѓа нафтени постројки и други стратешки објекти низ Русија. Овие капацитети се развиваа по почетокот на руската инвазија во 2022 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно побара од Киев да ги запре нападите врз руските нафтени рафинерии и инфраструктурата што се користи за производство и дистрибуција на дизел, оценувајќи дека тие придонесуваат за глобален недостиг на гориво.

На состанокот во седиштето на НАТО во Брисел, заменик-министерот за одбрана на САД, Елбриџ Колби, изјави дека нападите длабоко на руска територија не покажале ефикасност во приближувањето на крајот на војната, ниту придонесуваат за запирање на руското напредување на фронтот.

Тој предупреди дека таквите напади, особено оние насочени кон цивилна инфраструктура, како компанијата „Вајлдберис“, може дополнително да ја зацврстат решеноста на Русија и подготвеноста на Кремљ за ескалација.

Украинските вооружени сили повеќепати годинава ја нападнаа „Вајлдберис“, најголемиот руски синџир за онлајн продажба, кој по својот обем се споредува со „Амазон“.

Киев тврди дека производите што ги продава компанијата вклучуваат опрема и технички компоненти што ги користи руската армија, што од „Вајлдберис“ го негираат. Нападите предизвикале вознемиреност кај руското население кое живее далеку од фронтот и нанеле штета на мали бизниси.

Обраќајќи се на состанокот на Контакт-групата за одбрана на Украина, која ги координира донациите на воена помош за Киев, Колби оцени дека украинската армија постигнува многу добри резултати кога своите капацитети ги насочува кон борбите на фронтот.

Тој посочи дека украинските сили ефикасно користат беспилотни летала за забавување на руското напредување и напади врз руските линии за снабдување.

Според американскиот функционер, најефикасен начин за зајакнување на украинската одбрана и создавање услови за завршување на војната е воената поддршка да се насочи кон фронтовската линија и кон поврзаните напади со оружје со среден дострел.

Колби не сакаше да коментира за ограничувањата во користењето на сателитскиот комуникациски систем „Старлинк“, со кој управува компанијата на Илон Маск, ниту за тоа како тие влијаат врз способноста на украинските сили да пресретнуваат руски беспилотни летала.

Сепак, тој нагласи дека САД се силно фокусирани на поддршка на украинските капацитети за одбрана и изведување напади со среден дострел, како и на преземање активности што се во согласност со таа стратегија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повеќепати предупреди дека ограничувањата на брзината на „Старлинк“ предизвикуваат човечки жртви и дека може да ја ослабнат одбраната на украинската енергетска инфраструктура во пресрет на зимата.

ИЗДВОЕНИ