На самата изложба беа доделени и традиционалните награди. Наградата на ДЛУМ за мал формат годинава ја доби Ана Ивановска за делото „Зашиена припадност“, изработено во комбинирана техника (капак за оџак, конци и колаж), додека наградата за миниартура му припадна на Гоце Божурски за делото „101 љубовна приказна“, работено во техниката молив во боја. Наградите на Културно-информативниот центар, именувани по Вангел Коџоман и Константин Мазев-Коце, им беа доделени на Марија Сотировска-Богдановска за делото „Апгар“, во техниката енкаустика на дрво, и на Трајче Чатмов за „Ноќен отсјај“ и „Во полето невреме“, во техниката јаглен на хартија

 

Со голем интерес од посетителите и со значително учество на ликовните уметници, во Културно-информативниот центар – Скопје вчеравечер беше отворена изложбата „Мал формат / Миниартура“, во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, ДЛУМ. Изложбата привлече внимание не само со разновидноста на изложените дела туку и со големиот интерес што го покажаа самите автори, потврдувајќи ја важноста на овие две изложбени платформи за современата македонска ликовна сцена.

На самата изложба беа доделени и традиционалните награди. Наградата на ДЛУМ за мал формат годинава ја доби Ана Ивановска за делото „Зашиена припадност“, изработено во комбинирана техника (капак за оџак, конци и колаж), додека наградата за миниартура му припадна на Гоце Божурски за делото „101 љубовна приказна“, работено во техниката молив во боја.

Наградите на Културно-информативниот центар, именувани по Вангел Коџоман и Константин Мазев-Коце, им беа доделени на Марија Сотировска-Богдановска за делото „Апгар“, изработено во техниката енкаустика на дрво, и на Трајче Чатмов за делата „Ноќен отсјај“ и „Во полето невреме“, работени во техниката јаглен на хартија.

Инаку, во рамките на „Мал формат“ се претставени 37-мина автори со вкупно 64 дела, додека миниартура обедини 27-мина автори со 47 дела. Преку различни техники, ликовни пристапи и авторски поетики, изложбата понуди широка слика за творечките истражувања на уметниците, покажувајќи дека големината на форматот не ја определува и силата на уметничката порака.

Слика на Трајче Чатмов, добитник на наградата „Константин Мазев-Коце“ на КИЦ

Претседателката на ДЛУМ, проф. д-р Јана Манева-Чупоска, посочува дека малиот формат е простор во кој малата површина овозможува силна концентрација на ликовниот јазик и непосредна комуникација со набљудувачот.

– Форматот не ја ограничува идејата, туку може дополнително да ја засили нејзината експресивност. Малото станува значајно како концентрација на мислата, чувството и личниот уметнички ракопис – истакнува Манева-Чупоска.

Осврнувајќи се на миниартурата, таа нагласува дека станува збор за уметност на прецизноста, концентрацијата и на вниманието кон детаљот, каде што секој елемент има свои функција и значење.

– Големината на делото не ја определува неговата содржинска или естетска вредност. Напротив, ограничениот простор отвора можности за суптилност, прецизност и за истражување на формата, линијата, бојата, светлината и на текстурата – вели претседателката на ДЛУМ.

Таа посочи дека интересот на уметниците е поголем од лани, но и од изминатите години, што се должи и на новите членови на ДЛУМ, кои ги гледаат своето место во друштвото и придобивките со членството и учеството на конкурсите.

За претседателката на Уметничкиот совет на ДЛУМ, проф. д-р Маја Рауник-Кирков, посебната вредност на двете изложби е во средбата на различни авторски сензибилитети, техники и уметнички ракописи. Таа смета дека „Мал формат 2026“ е афирмација на уметничката мисла и на креативната слобода, преку која и минималната физичка форма може да пренесе комплексни естетски, емотивни и концептуални содржини.

– Вистинската вредност на делата е во моќта на ликовните идеи и нивната уметничка артикулација – посочува Рауник- Кирков.

Во однос на минијатурата, таа истакнува дека малите димензии бараат побавно и посветено набљудување, приближување и откривање на визуелните слоеви што не секогаш се забележуваат при првиот поглед.

– Минијатурата станува простор на истражување во кој малото не значи ограничено, туку интензивно, промислено и содржински богато – нагласува Рауник-Кирков.

Ваквите изложби овозможуваат афирмација на различни генерации и авторски пристапи. „Мал формат / Миниартура“ уште еднаш покажа дека уметничката вредност не се мери во сантиметри, туку во идејата, чувството и изразната моќ што ги остава делото кај оној што го набљудува. (Д. Т.)

Фото: Ѕ. Плавевски

 

ИЗДВОЕНИ