вторник, ноември 17, 2026
Дома КУЛТУРА Изложба „Спомени од сцената“ – од музичкото минато на Гевгелија; Истражување што...

Изложба „Спомени од сцената“ – од музичкото минато на Гевгелија; Истражување што открива заборавена приказна

1

Во Гевгелија, овој петок (20 ноември), ќе биде отворена интересна изложба, која ќе ја разбуди љубопитноста на гевгеличани да дознаат нешто повеќе за една малку позната приказна од музичко-сценското минато на Гевгелија.

Истражувањето на проф. д-р Наташа Диденко открива нови сознанија за детската опера „Принцезата Ружа“, создадена во Гевгелија во 1924 година, и го реконструира животниот пат на жената што ја толкувала главната улога.

Една стара сценска фотографија го зачувала ликот на девојката што во 1924 година ја толкувала главната улога во „Принцезата Ружа“, но не и нејзиното име. Кој стои зад сценскиот лик? Одговорот го нуди истражувањето на проф. д-р Наташа Диденко, научен советник и редовен професор во ЈНУ Институт за национална историја – Скопје, авторка на изложбата „Спомени од сцената“.

Во фокусот на истражувањето е детската опера „Принцезата Ружа“, создадена од Сергеј Михајлов, руски емигрант, композитор и музички педагог, за време на неговиот престој и работа во Гевгелија. Преку критичко разгледување и меѓусебно поврзување на архивската документација, историските фотографии и семејните сведоштва, Диденко го реконструира контекстот на создавањето и изведувањето на делото и доаѓа до идентификација на главната изведувачка. Истражувањето го следи и нејзиниот животен пат, поврзувајќи го сценското искуство со пошироката културна историја на градот.

Создавањето на „Принцезата Ружа“ во Гевгелија претставува конкретно сведоштво за развојот на музичко-сценската култура во градот во првите децении на 20 век. Истражувањето придонесува кон подобро разбирање на местото на градот во историјата на музичката култура во Македонија и кон документирањето на помалку познати сегменти од неговото културно минато.

Изложбата „Спомени од сцената“ ги доближува овие сознанија до јавноста преку историски фотографии, архивски документи и семејни сведоштва. Подготвена по повод 115 години од раѓањето и 35 години од смртта на главната изведувачка, таа ја истакнува важноста на истражувањето и зачувувањето на културната меморија на Гевгелија. Со откривањето и документирањето на заборавените сценски приказни, се придонесува кон зачувувањето на музичко-сценското наследство на градот и неговото пренесување на идните генерации.

Промоторка на изложбата ќе биде професорката, д-р Билјана Ристовска-Јосифовска. (Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ