„Студентската листа“ се огласи во врска со иднината на момчето кое ги изврши масовните убиства во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, откако мајката на една од убиените ученички побара од новите власти итно да се произнесат за неговата понатамошна судбина.
Од „Студентската листа“ за агенцијата „ФоНет“ изјавиле дека станува збор за исклучително важно прашање, со кое надлежните институции ќе треба да се занимаваат по формирањето на новата влада.
„Ова е многу важно прашање, со кое ќе се занимаваат надлежните институции откако ќе ги ослободиме – по формирањето на Владата“, навеле од „Студентската листа“.
Реакцијата следува по барањето на Нинела Радичевиќ, мајка на Ана Божовиќ, една од ученичките убиени во училиштето „Рибникар“, која побара од новите власти и правосудните институции да ги соопштат плановите за долгорочното сместување на сторителот, кој следното лето ќе наполни 18 години.
Во интервју за „ФоНет“, Радичевиќ посочила дека речиси три и пол години нема трајно решение за тоа каде и под кои услови ќе биде сместено момчето, бидејќи не постои соодветна установа за ваков тип сторители.
Таа предупредила дека со навршувањето на полнолетството, момчето повеќе нема да може да остане на одделението за детска психијатрија и неврологија, каде што моментално се наоѓа.
„Следното лето тој полни 18 години. Тоа значи дека не може да остане на одделението за детска психијатрија и неврологија – дури и да сака. Што ќе прават со него? Дали државата има решение?“, прашала Радичевиќ.












