понеделник, ноември 16, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ќе завршат ли вратените сирења и кашкавал од Косово на македонските трпези?

Ќе завршат ли вратените сирења и кашкавал од Косово на македонските трпези?

Двете пратки млечни производи од тетовска млекарница, кои косовските власти ги одбија поради утврдено присуство на ешерихија коли, повторно го отворија прашањето за контролата на храната. Иако косовската агенција потврди дека не биле пуштени овие две пратки во промет, останува дилемата што се случува со нив по враќањето во земјава. Граѓаните имаат право да знаат дали храната што се продава на домашниот пазар ги исполнува безбедносните стандарди и кој ја презема одговорноста кога се одбиваат производите во странство

0

Повторените случаи на враќање млечни производи од македонска млекарница на косовската граница, поради сомнежи за небезбедност, отвораат сериозни прашања за контролата на храната во земјава. Додека косовските власти ги одбиваат пратките, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) уверува дека нејзините контроли не покажале неправилности. Но, ако лабораториските наоди на двете страни се разликуваат, се наметнува прашањето кој ја гарантира безбедноста на производите и дали тие што се враќаат од странство можат да се пласираат и да се консумираат на домашниот пазар.

По последниот случај, инспекциските служби на АХВ спровеле вонреден надзор во АД „Млекара Тетово“. Биле земени мостри од млечни и од композитни производи, како и брисови од работните површини, опремата и од вработените, кои се испратени на испитување во две независни лаборатории. Резултатите сè уште не се пристигнати.

– Во рамките на вонредната контрола во млекарницата, земени се мостри од млечни и од композитни производи, како и брисови од работните површини, опремата и од вработените лица, кои се дадени на тестирање во две независни лаборатории, чии резултати АХВ сè уште ги нема добиено – информираат од Агенцијата.

Од АХВ велат дека не добиле официјално известување од косовските власти, а операторот поднел барање за враќање на пратката што е под надзор на косовските институции. Македонската Агенција тврди дека досегашните редовни и вонредни контроли, како и лабораториските испитувања од 29 април и 21 октомври, не покажале неправилности кај тестираните производи.

Ова не е првпат да бидат вратени од Косово производи од млекарницата. На крајот од април биле одбиени 12,9 тони производи, од кои биле уништени 980 килограми композитен производ поради незадоволителен лабораториски резултат. Во август, по ново враќање на пратка, АХВ наредила уништување на уште 1.260 килограми млечни производи, кои косовските власти ги оцениле како небезбедни. За четири други производи од истата пратка, анализите направени во Македонија покажале задоволителни резултати.

Во најновиот случај, косовските власти вратиле две пратки со вкупна тежина од 12.268 килограми. Важно е да се нагласи дека наодите за присуство на ешерихија коли над дозволените граници се однесуваат на претходни пратки од производителот, а не на двете последни пратки, кои не биле пуштени во продажба на косовскиот пазар.

Различните лабораториски наоди на надлежните институции од двете земји отвораат низа прашања, дали се испитувани исти серии и производи, дали контролите ги опфатиле сите фази од производството и што се случува со производите што се враќаат од странство. Но, ова не е изолиран случај. Вратените пратки со пиперки и со јаболка од Бугарија поради зголемено присуство на пестициди, како и производите од Македонија одбиени на пазарите во Хрватска и во Црна Гора поради утврдени неправилности, дополнително ја отвораат темата за квалитетот и за безбедноста на домашното производство.

– Кога се враќаат пратки со наши производи од странство поради утврдени неправилности, неминовно се поставува прашањето за квалитетот на македонското производство. Не станува збор само за производите наменети за извоз туку и за оние што се пласираат на домашниот пазар. Производителите бараат субвенции и државна поддршка, но истовремено имаат одговорност да испорачуваат квалитетна и безбедна храна. Овие случаи ја поткопуваат довербата во македонските производи и го отвораат прашањето дали јадат граѓаните безбедна храна – изјавија за весникот ВЕЧЕР од Министерството за земјоделство.

Оттаму додаваат дека државната поддршка за земјоделството мора да оди заедно со контрола и одговорност, а безбедноста на храната не смее да биде предмет на различни толкувања и уверувања.

Граѓаните имаат право да знаат што јадат, дали производите што се одбиваат во странство се безбедни за домашна употреба, како се постапува со нив и кој ја презема одговорноста кога ќе се утврдат неправилности. Надлежните институции мора да дадат јасни, аргументирани и транспарентни одговори не само за овој случај туку и за многуте други прашања поврзани со контролата, квалитетот и со безбедноста на храната што секојдневно завршува на трпезите на граѓаните.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ