Во македонското Собрание, власта и опозицијата одново преговараат за да се обезбеди Бадентерово мнозинство за изгласување на закочените закони. Ова денеска го соопшти собранискиот претседател, Африм Гаши, на редовниот брифинг за новинарите, со надеж дека преговорите ќе донесат резултат. Приоритет во овој момент му е даден на предлогот на законот за соодветна и правична застапеност.
– Законот за соодветна и правична застапеност ќе биде ставен на дневен ред штом ќе се обезбедат услови за негово изгласување. Работиме на случајот за да дојдеме до договор околу тоа, разговорите се водат на различни нивоа меѓу власта и опозицијата – рече Гаши.
Тој додаде дека податоците во изминатиов период покажуваат дека во државните служби е подобрена соодветната и правична застапеност на припадниците на немнозинските заедници. Но тоа, според него, не значи дека не треба да биде донесен новиот закон.
Овој закон е закочен во собраниска процедура, бидејќи парламентарното мнозинство не може да обезбеди доволен број гласови на пратениците од немнозинските заедници. Текстот на овој закон ја помина целата собраниска процедура и дојде до фазата на гласање, по што се утврди дека парламентарното мнозинство располага само со гласовите на 14-мина пратеници наспроти 18-мина пратеници од немнозинските заедници од редот на опозициските партии предводени од ДУИ. Неизвесно е, воопшто, кога ќе се гласа за усвојувањето на овој закон, иако спикерот Гаши, на неодамнешниот брифинг во септември, изјави дека „наскоро“ ќе биде ставен на дневен ред на некоја собраниска седница. Но, не се случи тоа.
– Разговараме и со лидерите, со пратениците и со други да најдеме решение, да се усогласиме и да најдеме одговор на ова прашање. Битно е да продолжи дијалогот – рече Гаши.
На новинарското прашање дали се сретнале лидерите на владејачките партии со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да се постигне договор, Гаши одговори дека „сè уште не се случила“ таква средба.
– Јас лично немам проблем да се сретнам со Ахмети – рече Гаши.
Според него, зависно од законите што се закочени, зависи и бројот на опозициските пратеници што треба да им се приклучат на оние од мнозинството за да биде изгласан некој закон.
Покрај законот за соодветна и правична застапеност, во собраниските фиоки чекаат уште повеќе предложени закони што не може да се изгласаат поради необезбеденото Бадентерово мнозинство. Познато е, веќе одамна не може да се донесат измените во Законот за локална самоуправа што предвидуваат можност за распишување граѓански референдуми во општините, за смена на градоначалниците во случај на нивна лоша работа. Закочени се и законот за високо образование и други акти од оваа област. Не може да се донесат промените во десетина закони, врзани за потребата да се усогласат нивните одредби со новодонесениот Закон за висока раководна служба.
Во август годинава, Гаши ги нарече блокадите на овие предлози „злоупотреба“ и дека законите што чекаат на гласање, сепак, ќе бидат ставени на дневен ред и пратениците ќе решаваат за нив во текот на септември. Но, не се случи тоа. (Б. Ѓ.)
Нема да се сметаат паузите во двочасовниот период за опозициски пратенички прашања
Опозициските пратеници ќе имаат два часа за поставување свои прашања на собраниските седници, при што нема да се пресметува времето побарано за пауза, најави спикерот Гаши. Тој рече дека за утре е закажана таква седница, на која опозициската ќе може да ги постави своите прашања.
– Опозициските пратеници ќе имаат два часа на располагање, како што и предвидува Деловникот, и во нив нема да се пресметува времето побарано за одредена пауза – објасни Гаши на брифингот.
До ова дојде откако собраниската седница за опозициски пратенички прашања одржана на 12 ноември 2026 година пропадна и не се одржа откако беше потрошено и исцрпено времето предвидено за неа преку барања за паузи. На седницата, барања за едночасовна пауза имаше и од пратениците од опозицијата и од власта, при што се потроши предвиденото време пред да се постават прашањата. Гаши потоа ја продолжи седницата со други точки.
– Двочасовниот период за пратенички прашања почнува тогаш кога ќе се утврди дневниот ред на седницата. Досега, вообичаено почнуваме во 11:30 часот и трае до 13:30-14:00 часот. Кога не се користат, тие два часа ќе истечат. Но, опозицијата имаше различна интерпретација и се договоривме да се повтори седницата. И ќе гледаме да нема барања за паузи во иднина, односно да бидат наменети два часа чисто за прашањата – објасни Гаши.












