Процесот на откопување и безбедно отстранување на поголем број неексплодирани тромблонски гранати и рачни бомби од Првата светска војна во непосредна близина на последните куќи во Битола кај Тумбе Кафе е завршен.
Пиротехничарите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), последните денови ја заокружија бројката на 2.262 неексплодирани тромблонски гранати и рачни бомби кои што приближно тежат околу 1.100 килограми, а во себе секоја една од нив содржи по околу 60 грама експлозив или вкупно овде пред нас имаме околу 135 килограми експлозив како дел од убојните средства.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, им се заблагодари на пиротехничарите на Дирекцијата, на тројцата поранешни припадници на МВР, сега ангажирани со договор за дело во дирекцијата.
Тој ги повика сите граѓани кои имаат информации или забележале неексплодирани убојни средства, без разлика дали се работи за рачни бомби или други типови гранати или бомби, да пријават на телефонскиот број: 112.
– Храбрите пиротехничари на ДЗС ќе дојдат на самото место и безбедно ќе ги отстранат, затоа што за мене безбедноста на граѓаните е секогаш на прво место – заклучи Ангелов.












