Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на денешната прес-конференција побара од Владата и од Агенцијата за храна и ветеринарство итно да утврдат законски механизам со кој Општината ќе може да ја координира акцијата за отстранување на добитокот од улиците и имотите на граѓаните, во соработка со надлежните институции и под ветеринарен надзор.
Митовски посочи дека граѓаните предолго трпат материјални штети, а правосилните и извршни решенија за одземање на животните, кои постојат повеќе од две години, сè уште не се целосно спроведени.
– Не барам да ги заобиколиме институциите или законите. Напротив, барам институциите да создадат услови во кои ќе можеме да постапуваме заеднички, организирано и законски – истакна Митовски.
Тој посочи дека со префрлање на одговорноста меѓу институциите нема да се дојде до конкретен резултат и повика на заедничко постапување.
Нагласи дека приоритет е проблемот да се реши. И ја потврди подготвеноста на Општината да преземе поголема улога во спроведувањето на акцијата штом се обезбедат законските услови.












