По речиси две години протести и блокади, студентите во блокада најавија дека е формирана група граѓани „Студентска листа – Студентите победуваат“ за вонредните парламентарни избори во Србија што ќе се одржат на 25 октомври. На листата има 14 потписници, но тоа не е конечниот број.
Студентите тврдат дека веќе имаат подготвена изборна листа и политичка програма. Изборот на кандидатите се правел преку факултетските пленуми. Меѓу условите било кандидатите да не бидат актуелни членови на опозициски партии, да немаат минато во Српската напредна странка и да ја прифатат студентската политичка програма.
На другата страна е Српската напредна странка, која веќе подолго време фактички води кампања. Александар Вучиќ, кој веќе не може повторно да се кандидира за претседател, се споменува како иден кандидат за премиер на СНС. Власта останува најорганизираната политичка структура во земјата, но првпат по подолг период влегува во избори со нов противник кој не произлегува од традиционалната опозиција.
Во Србија се избираат 250 пратеници, а за поднесување изборна листа се потребни најмалку 10.000 потписи. Мандатите се распределуваат пропорционално, што значи дека бројот на листи и распределбата на гласовите може директно да влијаат врз конечниот однос на силите во парламентот.












