четврток, септември 10, 2026
Дома СКОПСКА Граѓаните да предложат места и приказни што го чуваат духот на градот

Граѓаните да предложат места и приказни што го чуваат духот на градот

6

Фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ објави два јавни повици: „Мапирање локации, објекти и простори за програмата ‘Скопје 2028’“ и „Скопски приказни“, со кои ги повикува граѓаните да придонесат кон откривањето и документирањето на културниот потенцијал и на меморијата на градот.

Инаку, повикот „Мапирање“ е отворен за сите што го познаваат Скопје и сакаат да предложат место што има потенцијал за културна или за уметничка употреба. Тоа може да биде постоен или недоволно искористен објект, напуштена фабрика, магацин или хангар, парк, плоштад, улица, кеј, двор, маалски простор или друга локација со историско, архитектонско, општествено или со културно значење.

Предложените локации ќе бидат разгледани и систематизирани, со цел да се создадат регистар и дигитална мапа на потенцијалните културни места во Скопје. Мапата ќе биде ресурс за уметниците, културните организации и институции, идните предлагачи на проекти, локалните заедници, истражувачите и граѓаните.

Со повикот „Скопски приказни“, Фондацијата сака да ја собере и зачува живата меморија на градот.

– Се повикуваат граѓаните да споделат лични или колективни приказни за луѓе, места, улици, маала, настани, традиции и за секојдневниот живот, како и приказни за нешто што денес, можеби, повеќе не постои, но останало дел од сеќавањето на Скопје. Приказните можат да се достават како текст, фотографија, аудио, видео, интервју или друг материјал. Фондацијата планира да избере најмалку 200 скопски приказни, кои ќе бидат архивирани и ќе може да послужат како основа и инспирација за идни уметнички и културни проекти. Селектираните приказни ќе бидат откупени, а потоа, преку нов јавен повик, ќе ѝ бидат понудени на уметничката и на креативната јавност за нивна уметничка интерпретација и претставување како дел од програмата на европската престолнина на културата – Скопје 2028 – соопштија од Фондацијата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“.

Додаваат дека двата повици се дел од подготовката на програмата „Скопје 2028“ и имаат цел да отворат поширок поглед кон културниот потенцијал на градот: кон местата, луѓето и искуствата што го сочинуваат неговиот идентитет.

– Скопје не се само институциите, театрите, музеите и галериите. Скопје се и маалата, парковите, плоштадите, старите фабрики, улиците, дворовите и сите оние места каде што се среќаваат луѓето, создаваат и го доживуваат својот град. Но, Скопје не е само она што го гледаме. Скопје е и она што го паметиме, го раскажуваме и го пренесуваме. Токму затоа Фондацијата ги отвора јавните повици „Мапирање локации, објекти и простори за програмата ‘Скопје 2028’“ и „Скопски приказни“ – вели директорот на Фондацијата, Марјан Цветковски.

Повиците се отворени од 10 септември 2026 година.

Рокот за доставување предлози за „Мапирање локации, објекти и простори“ е 10 октомври 2026 година, а за „Скопски приказни“ – 25 октомври 2026 година. Пријавите се доставуваат преку официјалната електронска платформа на Фондацијата.

ИЗДВОЕНИ