До крајот на седмицата во Македонија ќе преовладува променливо облачно време со повремен локален дожд. Во среда ќе има појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Во четврток наместа ќе има пообилни врнежи, а поради продор на постуден воздух од север на планините ќе има услови врнежите од дожд да преминуваат во снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а температурата ќе биде во значително опаѓање. Во петок и во деновите од викендот ќе се задржи посвежо време, а утринската температура наместа ќе се спушти под нула степени.

Додека нашиот регион денес ќе биде под влијание на топла воздушна маса од Медитеранот, источна Европа е погодена од ледена воздушна маса од поларните региони, а западна Русија е покриена со снег. Силна снежна бура ја погоди Москва, носејќи рекордни снежни врнежи за месец април.
Оваа многу ладна воздушна маса ќе се движи кон Балканот во наредните денови.












