
Во последните недели, претставници на Пентагон побараа од неколку земји-членки на НАТО да ја ублажат реториката во врска со заканата што ја претставува Русија, тврдејќи дека одредени изјави на европски лидери и функционери ја поткопале безбедноста на континентот, наведуваат четири извори запознаени со случајот.
Меѓу земјите што добиле пораки со повик да внимаваат на своите јавни изјави се Литванија, Латвија и Естонија, велат изворите, кои зборуваа под услов да останат анонимни, пренесува „Ројтерс“.
Останува нејасно дали овие пораки – пренесени за време на билатерални средби – биле упатени и до други европски влади.
Ова барање од САД доаѓа во момент кога администрацијата на Трамп ги обновува напорите за постигнување преговарачко решение за завршување на војната во Украина, која веќе навлезе длабоко во својата петта година.
Најновата иницијатива комбинира поттици за Русија – како што е олеснување на санкциите – со притисок врз Украина да ги запре нападите врз руската енергетска инфраструктура.
На прашањето за коментар, претставник на Пентагон изјави:
„Приватните разговори меѓу сојузниците се токму тоа – приватни разговори – па затоа нема да ги коментираме овие наводи.“
Меѓу изјавите што го привлекоа вниманието на американските претставници се тврдењата на европски лидери дека „Русија етерана во ќош“ и дека прибегнува кон „сè поочајни мерки“, иако нејзината инвазија врз Украина „напредува со полжавовско темпо“, вели еден од изворите. Елбриџ Колби, шефот за одбранбена политика во Пентагон и клучна фигура во тековната ревизија на бројноста на американските трупи во Европа, бил меѓу американските претставници што ја пренеле оваа порака, велат изворите.
„Ројтерс“ не успеа да утврди кои други функционери биле вклучени.
Ниту еден од изворите – група што вклучува тројца европски и еден американски претставник – не наведе дека советот бил пренесен на конфронтирачки начин.
Според „Ројтерс“, пораките од САД одразуваат внатрешна дебата во НАТО за тоа како јавно да се третира заканата што ја претставува Русија, која станува сè поагресивна во своето однесување. Некои западни претставници тврдат дека истакнувањето на заканата од Москва може да му оди во прилог на Кремљ, за кој велат дека се обидува да шири страв и да ја поткопа поддршката за Украина.
Други сметаат дека европските влади мора да бидат транспарентни за да им покажат на своите гласачи дека жртвите и ресурсите потребни за да се држи Москва на дистанца се неопходни. Ова е особено важно во време кога се чини дека Русија ја интензивира својата тајна кампања на саботажа низ континентот.
Русија негира дека спроведува каква било таква кампања.
Владимир Путин во повеќе наврати ги отфрли тврдењата за руска закана, нарекувајќи ги „политичка шизофренија“ и тврдејќи дека Русија „не се подготвува за војна со Европа“.
Извор запознаен со ситуацијата изјави за Ројтерс дека Колби неодамна го советувал еден претставник од балтичките земји да не ги „провоцира“ Русите. Според изворот, Колби навел јавни изјави на Европејци – во кои Русија се опишува како „затерана во ќош како стаорец“ – како пример за несоодветна реторика.
Не е јасно на која конкретна изјава мислел Колби.
Сепак, естонскиот премиер Кристен Михал кон крајот на септември го нарече Путин „стаорец затеран во ќош“, сугерирајќи дека рускиот лидер прибегнува кон саботажи во Европа бидејќи Русија сè повеќе заглавува во Украина.
„Ние ви помагаме. Американците се тука… Само немојте да бидете гласни. Не кревајте врева“, рекол друг европски претставник, пренесувајќи неодамнешни приватни пораки од Пентагон.
На уште еден неодамнешен состанок, Пентагон ја повикал естонската делегација да покаже „воздржаност“ во своите јавни изјави, според лице запознаено со средбата – иако изворот не прецизирал дали претставници на Пентагон се пожалиле на некоја конкретна изјава.
Министерствата за одбрана на Литванија, Латвија и Естонија не одговорија на барањата за коментар, додека НАТО одби да даде коментар.











