Постар маж (89) повредил неколку лица во одделни пукотници на две локации во Атина, по што избегал и се бара, објавија локалните медиуми. Според достапните информации, напаѓачот прво влегол во зградата на Единствениот фонд за социјално осигурување (EFKA) во областа Керамикос, каде што пукал од пушка и ранил вработен во ногата, објави „Прототема“.
Повредениот е однесен во болница. После тоа, осомничениот со такси се упатил кон Апелациониот суд во Атина во областа Лукареос, каде што повторно отворил оган и ранил уште четири лица, сите жени, според медиумите во грција.
Службите за итни случаи брзо реагирале, а повредените биле префрлени во болница. Сведоците рекле дека напаѓачот го извадил оружјето и пукал без предупредување, додека некои тврдат дека наредил на една од жртвите да легне пред да пука.
Полицијата започнала обемна потрага по осомничениот, кој е сè уште на слобода.
Според првичните информации, вмешаното лице страда од психолошки проблеми. Официјалните институции сè уште не објавиле никакви дополнителни детали за мотивот за нападот.












