Министерката за енергетика, Сања Божиновска, уверува дека е стабилно производството на струја, а ЕСМ обезбедува сигурно снабдување по пониски цени. За цените на горивата најави дека конечната одлука ќе ја донесе РКЕ в понеделник, додека попустот на ОКТА ќе важи до следната недела. Таа посочи дека ЕСМ преговара за подолгорочно снабдување со гас по поконкурентни цени и дека гасните проекти се реализираат според планираните рокови. Божиновска уверува и дека политичките случувања во Србија нема да влијаат врз реализацијата на планираните гасни проекти
Произведената електрична енергија во земјава сега се продава по 65 евра за мегават-час, што е повеќе од двојно пониска цена во споредба со периодот кога актуелната Влада ја презела функцијата, кога цената надминувала 135 евра. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, уверува дека е стабилно производството на струја, а ЕСМ продолжува да се грижи за сигурното снабдување на граѓаните, додека институциите ги следат движењата на цените на енергенсите.
– Ние правиме сè за да го заштитиме стандардот на граѓаните, и тоа преку ЕСМ. ЕСМ ги дава цените што секогаш се многу пониски – изјави Божиновска, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на саемот за енергетика, технологија и иновации „Енерго Технома 2026“.
Во однос на цените на горивата, министерката повика да се почека до понеделник, кога треба Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да ја објави конечната одлука. Таа појасни дека пресметките што ги доставуваат компаниите не значат автоматско поскапување, бидејќи конечниот збор го има регулаторот.
– Тоа што поднесуваат компаниите до РКЕ е едно, зашто вие може да барате и да си дадете ваши пресметки. Но, РКЕ ќе одлучи каков ќе биде крајниот исход. Да ја почекаме одлуката на Регулаторна, да видиме на крај каква ќе биде нејзината одлука и колку ќе има поскапување, ако има – рече Божиновска.
Таа потсети дека цените на енергенсите се под влијание на меѓународните берзи, понудата и побарувачката, но и на геополитичките случувања, особено по промените што следуваа по 2022 година. Според неа, актуелните воени конфликти дополнително влијаат врз неизвесноста на енергетските пазари. Министерката нагласи дека Владата досега презела повеќе мерки за ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните, меѓу кои намалување на акцизите и на данокот на додадена вредност. Дополнително, ОКТА во неколку наврати понудила попусти на горивата, а актуелниот попуст, како што посочи, ќе трае до следната недела.
– Неколку пати ја намаливме акцизата, го намаливме ДДВ, а ОКТА, како одговорна компанија, неколку пати по две недели понуди попуст. Некогаш два денари, некогаш три. Тоа се милиони евра – изјави Божиновска, додавајќи дека по истекот на актуелниот период, ќе се анализираат цените и ќе се одлучува за следните чекори.
Во однос на природниот гас, таа рече дека секојдневно се следат цените, а ЕСМ веќе има обезбедено количества за ноември и преговара за подолгорочно снабдување по поконкурентни цени.
– ЕСМ е веќе во преговори за подолгорочно и поконкурентно снабдување, да добие пониски цени – посочи министерката и додаде дека ќе се разгледува можноста за субвенции во зависност од финансиските импликации.
Божиновска уверува и дека политичките случувања во Србија нема да влијаат врз реализацијата на планираните гасни проекти. Според најавените рокови, делницата кон Грција, во должина од 68 километри, треба да биде завршена околу јуни следната година, додека за делницата кон северната граница, долга 22 километри, во август бил избран изведувач. Целосното завршување на северната делница е планирано за 2028 година.
– Ние имаме зацртано еден гантограм на активности и тука сме добри со термините. Нема никакво поместување – нагласи Божиновска.
Хуманоидни роботи на саемот „Енерго Технома 2026“
Повеќе од 100 домашни и странски компании ги претставуваат најновите технологии, енергетски решенија и иновации на саемите „Енерго Технома 2026“ и „Риал експо 2026“, кои вчера почнаа во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Особено внимание привлекува претставувањето хуманоидни роботи во соработка со словенечката технолошка компанија „Хајпроџект“. Посетителите имаат можност да се запознаат со нивната примена во индустријата, логистиката, фармацијата, здравството и во туризмот.

Саемите, кои ќе траат до сабота, опфаќаат и батериски системи, соларни постројки, електрични и хибридни возила, како и презентации на млади иноватори и стручни панел-дискусии. Саемот „Енерго Технома 2026“ го отвори министерката за енергетика Сања Божиновска, која порача дека енергетската транзиција бара нови инвестиции, модернизација на инфраструктурата, дигитализација и поголема енергетска ефикасност.
По отворањето, се одржаа дискусии за енергетската ефикасност и за пазарот на недвижности, со акцент на инвестициите, цените и на новите модели на живеење. Настаните имаа цел да ги поврзат бизнис-секторот, институциите, науката и младите, поттикнувајќи соработка и развој на иновативни решенија.
(С. Бл.)












