Светските цени на енергијата ќе пораснат за 32 проценти оваа година, значително повеќе од претходните очекувања, објави Светската банка. Причините се прекините во снабдувањето поради конфликтите на Блискиот Исток и наглиот раст на цените на гасот во Европа. Во априлската прогноза, банката предвидуваше раст од 24 проценти.
За 2027 година се очекува пад на цените на енергетските производи од 11,5 проценти, а намалувањето треба да продолжи и во 2028 година. Снабдувањето со нафта, пак, би можело да се намали за 5,2 проценти оваа година, што би бил најголем пад во последните четири децении, ако се исклучи 2020 година.
Поради намаленото производство, цената на нафтата „Брент“ се очекува да изнесува просечно 92 долари за барел. Истовремено, намалените испораки на течен природен гас би можеле да ги зголемат европските цени на гасот за речиси 60 проценти оваа година.
Светската банка прогнозира и пораст на цените на ѓубривата од 14 проценти, додека прехранбените суровини би поскапеле за нешто повеќе од 10 проценти. Во најлошо сценарио, кое вклучува ескалација на конфликтите на Блискиот Исток, нови прекини во транспортот на жито преку Црното Море и дополнителни штети на руската нафтена инфраструктура, цените на храната би можеле да бидат за 12 проценти повисоки од очекуваното.
Според банката, ваквиот развој може да предизвика криза слична на онаа од почетокот на 2010-тите, кога уште 40 милиони луѓе западнале во екстремна сиромаштија.
Поскапување се очекува и кај металите, чии цени би можеле да пораснат за 25 проценти и да достигнат рекордни нивоа. Ограничената понуда и зголемената побарувачка од секторите за обновливи извори на енергија, електрични возила и центри за податоци би можеле да ги поскапат алуминиумот, бакарот и калајот. Цените на скапоцените метали, пак, се очекува да пораснат за 40 проценти поради зголемената побарувачка за сигурни инвестиции во услови на геополитичка неизвесност.












