Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се зголемува процентот на странски компании кои се задоволни од бизнис климата во земјава и најавуваат проширување на своите инвестиции. Изјавата ја даде по работната средба со Советот на странски инвеститори, која се одржа во рамки на Стопанската комора. Мицкоски истакна дека странските инвеститори се исклучително важни за економскиот развој на државата, исто како и домашните компании, бидејќи економијата е еден од главните приоритети на Владата.

– За нас странските инвеститори се исклучително важни, исто како и домашните инвеститори, бидејќи економијата е еден од главните приоритети во функционирањето на оваа Влада – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека македонската економија постепено се движи кон консолидирање, и покрај глобалните економски предизвици.

– Во услови на големи глобални предизвици, ценам дека македонската економија се движи кон стабилизирање. Предизвиците ќе продолжат, но се обидуваме навреме да ги препознаеме и да најдеме решенија – рече премиерот.

Според него, силната држава и силниот бизнис се меѓусебно поврзани. Тој посочи дека ликвидната економија и навременото исполнување на обврските кон буџетот создаваат услови за поголеми инвестиции во клучните сектори.

– Со стабилен буџет можеме да вложуваме повеќе во здравството, образованието и земјоделието, но и да обезбедиме повисоки пензии и плати – додаде Мицкоски.

Премиерот изрази задоволство од резултатите од анкетите меѓу странските компании, посочувајќи дека има двоцифрен раст на процентот на компании кои се задоволни од деловната клима и планираат нови вложувања во земјата.

– Критиките и аргументите внимателно ќе ги анализираме и таму каде што можеме да бидеме подобри ќе се потрудиме да го направиме тоа во наредниот период. Ќе продолжиме да се бориме за секоја инвестиција и за секое евро вложено во земјата, бидејќи тоа значи побогата и постабилна држава – истакна Мицкоски.

 

ИЗДВОЕНИ