Од четврток, граѓаните ќе можат да го користат електронскиот паричник на своите мобилни телефони, преку кој ќе имаат пристап до дигитални верзии на личната карта и возачката дозвола. Официјалната промоција на апликацијата е закажана за утре.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека апликацијата е дизајнирана со посебен акцент на безбедноста и заштитата на личните податоци. Според него, корисниците ќе можат самостојно да избираат кои информации ќе ги споделуваат при идентификација во банки, угостителски објекти и други институции, без да мора да ги откриваат сите податоци од документите.
Споделувањето ќе се врши преку QR-код за еднократна употреба, кој ќе истекува по 10 до 15 секунди и нема да може повторно да се користи. Податоците ќе бидат достапни само со согласност на корисникот. Андоновски посочи дека воведувањето на електронскиот паричник е почеток на поширок процес на дигитализација, чија цел е постепено воведување нови услуги и документи, како дел од патот кон европскиот дигитален паричник.
Најавата беше дадена пред почетокот на панел-дискусијата „Предуслови и предизвици за забрзана дигитализација на приватниот сектор“, одржана во просториите на ИНОФЕИТ ЕДИХ во Скопје кој веќе нуди бесплатни услуги за компаниите, а средствата се обезбедени преку Европската комисија и македонската Влада.
Беше потенцирано дека Македонија има солидна основа за развој на дигитализацијата и располага со квалификувани кадри и институции кои можат да ја спроведат. Интересот кај компаниите постојано се зголемува, но, за целосно спроведување на дигитализацијата потребни се партнерства и поддршка.
– Процесот на дигитална трансформација не е едноставен и не претставува предизвик само за нашата држава. Токму затоа, Европската Унија формираше мрежа на европски дигитални иновациски хабови низ цела Европа, кои им помагаат на компаниите во процесот на дигитална трансформација. Во Европа функционираат околу 200 вакви хабови, а во Македонија, покрај нашиот, од оваа година започна со работа уште еден – вели проф. д-р Димитар Ташковски, директор на ИНОФЕИТ ЕДИХ.
Тој посочи дека досегашното искуство покажува оти е неопходна соработка меѓу сите чинители во екосистемот.
– На компаниите им е потребна поврзана поддршка: од идентификување на потребите и изработка на патоказ за дигитална трансформација до развој и тестирање на пилот-решение и обезбедување финансии за неговата примена. Преку ИНОФЕИТ ЕДИХ досега се обезбедени околу 40 услуги за тестирање пред инвестирање. Особено радува што компаниите доаѓаат со сè повеќе иновативни идеи. Со заедничка поддршка, тие идеи можат да прераснат во конкретни решенија за попродуктивно и поконкурентно работење – изјави Ташковски.
Од Владата најавуваат дека ќе продолжи државната поддршка за ваквите хабови.
– Планираме и во периодот што следува активно да го поддржуваме овој модел на функционирање. Имаме најава за уште еден дигитален иновациски хаб, за кој Владата одлучи да обезбеди поддршка од еден милион евра, со кофинансирање од програмата „Дигитална Европа“. Во периодот што следува се очекува да се развиваат и други дигитални иновациски хабови. Ова е начинот на кој го поддржуваме приватниот сектор во дигиталната трансформација – истакна министерот Андоновски.
Тој нагласи дека компаниите што аплицирале и ги исполниле условите поминале низ соодветните процедури и добиле бесплатни обуки, менторство, анализи и можности за дигитална трансформација на своите бизниси. Притоа, Андоновски посочи дека овој модел на поддршка се спроведува без обвинувања за корупција или фаворизирање компании.
Швајцарија, како една од најиновативните држави во светот во последните 16 години, нуди помош на овој план.
– Постојат и многу човечки врски меѓу Швајцарија и Македонија. Во Швајцарија живеат повеќе од 100.000 луѓе со потекло од нашата земја. Многумина од нив работат во ИТ-секторот, во областа на дигиталните технологии, па дури и во областа на вештачката интелигенција – изјави швајцарскиот амбасадор во земјава Кристоф Зомер.












