По присуството на затворениот брифинг во Белата куќа, сенаторот Марфи објави заклучок дека целта на војната не е уништување на иранската нуклеарна програма, ниту промена на режимот, туку да се уништат ракети, бродови, фабрики за беспилотни летала. „Што ќе се случи кога ќе престанете со бомбардирањето и тие ќе го рестартираат производството? Одговорот е дека решението може да биде – повеќе бомбардирање, што, секако, значи бескрајна војна“, напшиша тој на „Икс“. Откако Трамп телефонски изјави за „Си-би-ес њуз“ дека војната е „речиси завршена, повеќе или помалку“, на 35-минутен брифинг со новинарите, тој го избегна прашањето дали тоа значи дека војната може да заврши оваа недела, па рече: Не, но наскоро. Мислам наскоро. Многу наскоро. Демократите ги искористија изјавите на Трамп за да кажат дека неговите цели во конфликтот со Иран се нејасни или, едноставно, не постојат.
Војната на Блискиот Исток не само што не стивнува, туку секој ден добива сè поголема жестина. Во среда, 12. ден од почетокот на американско-израелските напади на Иран, Белата куќа потврди дека американскиот претседател Доналд Трамп „не исклучува никаква опција“ во војната, вклучувајќи и можност за испраќање американски трупи. Иран, пак, уште еднаш стави до знаење дека не прифаќа преговори и се закани со нови напади на американски бази низ светот.
Колку што ескалира војната, сè повеќе се поставуваат две прашања: дали знае Трамп зошто ја почнал и дали знае како да ја заврши? Последен во низата официјални личности кои прашуваат зошто се војува е демократскиот сенатор, Крис Марфи. Врз основа на она што било кажано на двочасовниот затворен брифинг во Белата куќа на кој присуствувал, тој тврди дека администрацијата на Трамп нема јасен план за една од клучните точки на војната со Иран – Ормутскиот Теснец, а стратегијата на Белата куќа е нејасна и нецелосна, особено кога станува збор за безбедноста на навигацијата низ тој стратешки премин. Марфи објави на социјалната мрежа „Икс“ дека „сите брифинзи се затворени затоа што Трамп не може јавно да ја оправда оваа војна“. Според него, на брифингот било започнато нешто што особено го изненадило.
–Можеби суштината е дека воените цели НЕ вклучуваат уништување на нуклеарната програма на Иран. Тоа е, хм… изненадувачки… со оглед на тоа што Трамп постојано вели дека тоа е клучна цел, напиша тој на Икс, посочувајќи дека веќе е познато дека воздушните напади сами по себе не можат да го уништат нуклеарниот материјал на Иран.
Сенаторот, исто така, тврди дека промената на режимот во Техеран не е меѓу целите на операцијата.
–Тие потврдија дека „промената на режимот“, исто така, не е на списокот на цели. Значи, тие ќе потрошат стотици милијарди долари пари од даночните обврзници, многу Американци ќе умрат, а тврдокорниот режим – веројатно уште потврд и поантиамерикански – сè уште ќе биде на власт, напиша тој.
Според Марфи, главната воена цел на операцијата е, всушност, да се уништат иранските ракети, бродови и фабрики за беспилотни летала, па го поставува прашањето: што ќе се случи кога ќе престанете со бомбардирањето и тие ќе го рестартираат производството? Одговорот, вели Марфи, е дека решението може да биде – повеќе бомбардирање, „што, секако, значи бескрајна војна“.
За причината за војната деновиве даде контроверзна изјава и советникот на Белата куќа, Џаред Иган.
–Нашата цел е да одземеме огромни ресурси од рацете на терористите, рече тој за „Фокс њуз“, споредувајќи го Иран со Венецуела, каде што контролата врз нафтената индустрија, по заробувањето на претседателот Николас Мадуро, премина во американски раце.
Додека расте стравот од нова, голема глобална економска криза предизвикана од овој конфликт, нема ниту знаци дека претседателот на САД има јасна визија како да стави точка на војната. Во обид да ја смири јавноста, во понеделникот вечерта тој се појави во Дорал, Флорида, но на прес-конференцијата што ја одржа таму, само ги нагласи постигнатите воени успеси, без да презентира јасна стратегија за излез од конфликтот, што, како што пишува француски „Монд“, дополнително го поттикна впечатокот за импровизација. Во обраќањето кое траеше 35 минути, Трамп избегна конкретни одговори со цел да нагласи колку темелно САД ја уништиле иранската армија, што дополнително ги поттикна сомневањата дека речиси и да нема план за она што доаѓа. Откако Трамп телефонски изјави за „Си-би-ес њуз“ дека војната е „речиси завршена, повеќе или помалку“, тој потоа го избегна прашањето на новинарот дали тоа значи дека војната може да заврши оваа недела.
–Не, но наскоро. Мислам наскоро. Многу наскоро, одговори тој.
Незадоволни од одговорот, новинарите повторно го прашаа зошто рекол дека војната во голема мера е завршена, кога министерот за одбрана вели „ова е само почеток“.
– Мислам дека можете да ги кажете и двете работи, одговори Трамп, па веднаш додаде: „Тоа е почеток на градење нова држава“, игнорирајќи го фактот дека тој и неговите најблиски советници претходно ја исклучија можноста за управување со процесот на градење држава во Иран.
Демократите веднаш ги искористија изјавите на Трамп за да кажат дека неговите цели во конфликтот со Иран се нејасни или едноставно, не постојат.
–Тој не може да смисли план или визија бидејќи нема план или визија. Тој дури и не може да одлучи дали земјата е во војна или не. Тој ги става во опасност светската економија и животите на милиони луѓе врз основа на каприци и импулси, рече Чак Шумер, демократскиот лидер на Сенатот од Њујорк.
Според официјални ирански податоци, од почетокот на војната во Иран загинаа 1.332 луѓе, вклучувајќи и деца. САД, пак, признаа помалку од 10 жртви и 140 ранети војници, во војната што дневно ги чини Американците близу 900 илјади долари.












