Според гласовите на социјалните мрежи…..
“И ти, како естраден новинар, знаеш дека не сакам титули, дека сум секогаш скромна. Велат, дури и срамежлива, како нешто да сум им украла на другите, хахахахахаааа… Ни кралици ни диви, ни дами. За мене, само Бог е крал! Како и да е, најмногу се гордеам со тоа што нашата музичка сцена има доста нови талентирани пејачи и пејачки. Ние го сработивме нашето, сега младиве нека се борат за своето место под ова прекрасно македонско сонце”, вели широко насмеаната македонска музичка легенда за порталот vecer.press
Веста пукна нешто како нуклеарна бомба, ама во онаа, позитивна смисла. Иако, деновиве, бомбите се најомразеното нешто на оваа планета, оваа „бомба“ е од сосема поинаков вид. Таа е музичка бомба, а се однесува на легендарната македонска фолк-пејачка (која на почетокот од кариерата пееше и забавни мелодии), прилепчанката со долгогодишна скопска адреса на живеење, Блага Петреска.
Според неодамнешното интернет-гласање, Блага собра најмногу гласови од публиката, а зад неа останаа Сузана Гавазова, Благица Павловска, Зуица Лазова, Сузана Спасовска, Елена Велевска, Виолета Томовска, Смиља Митревска, Ленче Кукиќ и сите останати.
Кога се дозна дека Петреска е новата кралица на македонската песна, веднаш почнаа да се редат еден куп честитки не само од нејзините најблиски, туку и од армија нејзини верни обожаватели.
„Таа е кралица со позитивна енергија… Незаменлива жена, самохрана мајка и успешна фолкерка… Уметница со посебна харизма, со својот глас допира до сите срца… Од кал да е од Прилеп да е, и Блага да е… Скромноста ја следи оваа пејачка со посебна енергија, со глас кој сите нè освојува… Нашата најдобра, највесела и најславна пејачка, која треба да нè почести со еден голем солистички концерт бидејќи поодамна ни го должи тоа…“ Ова е само мал дел од коментарите на обожавателите на Петреска.
А, кога еден од обожавателите веќе го спомнува солистички концерт на Блага, прашањето, исто така, доаѓа и од нашата страна, од страната на естрадните новинари.
Легендарната пејачка се сложува дека таков концерт, лично нејзе, многу ѝ недостасува. – Финансиите се секогаш најголемиот проблем, вели Блага. Треба јаки спонзори, треба уште појака организација, треба да се изнајми соодветна сала, треба зад мене да застанат и сериозни менаџери. Да застане и Министерството за култура! Впрочем, како што треба да имам и силна поддршка од нашите медиуми. За жал, медиумите почесто ги слават пејачите од поранешната Југославија кога тие настапуваат во Македонија, отколку нашите македонски. Не сакам да бидам погрешно разбрана, немам ништо против нивните концерти.
На многу од нив бев со задоволство да ги слушам, како што се Тереза, Грашо, Здравко Чолиќ, Мирослав Илиќ, Ана Бекута, а и порано, додека беа живи и Габи, Арсен, Балашевиќ, Драгојевиќ, Мики Јевремовиќ, Силвана Арменулиќ. Но, мислам дека ние, домашните, таквото внимание го немаме доволно во нашите македонски медиуми, особено не во електронските. Да имаме често некое свое ТВ-шоу, по примерот на тие поранешните ЈУ-ѕвезди. Последното такво тв-шоу го имав во далечната 1993 година, снимено за Македонската телевизија. Тоа беше едно прекрасно шоу за кое и денес се прераскажува со респект. Ова е мојата скромна забелешка, моето мислење со кое, нели и не мораат почитуваните новинари да се согласат.
Колку е сакана во народот и колку таков нејзин концерт би бил полн погодок, кажува и оваа титула „кралица на македонската песна“. На нашето прашање како се чувствува сега како кралица, Блага скромно одговара за читателите на весникот ВЕЧЕР и за порталот vecer.press
– И јас се изненадив. Но, и ти, како естраден новинар, знаеш дека не сакам титули, дека сум секогаш скромна. Велат, дури и срамежлива, како нешто да сум им украла на другите, хахахахахаааа… Ни кралици ни диви, ни дами. За мене само Бог е крал! Како и да е, најмногу се гордеам со тоа што нашата музичка сцена има доста нови талентирани пејачи и пејачки. Смена на генерациите е неизбежна во секоја професија, па и во мојата. Непишан закон на природата е сè тече, сè се менува. Никој од нас не е вечен. Ние го сработивме нашето, сега младиве нека се борат за своето место под ова прекрасно македонско сонце, ни раскажа секогаш широко насмеаната Блага.
А, кралицата ја оставаме во доброто расположение, на овие први топли пролетни сончеви зраци. Воедно, да ужива и во слободното време. Вели, ќе оди малку да прошета до пазарчето „Буњаковец“, кое ѝ е најблиску до зградата во која живее. Сака да муабети со обичните луѓе, да се соживее со нивните маки. Да дружи со народот за кој ќе пее додека дише. – Тоа е мојот народ, кој ми овозможи да бидам тоа што сум денес. Бесконечно сум му благодарна на народот со кој останувам сплотена и до последниот ден од животот. Поинаку не знам, искрена е нашата Блага.
Дуле МИЌИЌ (фото: ФБ-архива)












