Во основното училиште „Владо Тасевски“, продолжува унапредувањето на спортската инфраструктура за најмладите преку реконструкција и изградба на модерно спортско игралиште за фудбал, кошарка и други спортски активности.
Реконструкцијата се реализира преку соработка помеѓу Општина Карпош и Министерството за спорт, со што ќе се создаде современа спортска целина со нови терени и унапредени трибини.
-На увид во спортскиот простор присуствуваа градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и министерот за спорт, Борко Ристовски, кои ја истакнаа важноста на заедничките вложувања во спортската инфраструктура и создавањето подобри услови за младите. Новото спортско игралиште ќе им овозможи на учениците да спортуваат во современи услови, да ги развиваат своите спортски вештини и да негуваат тимски дух, дисциплина и здрави животни навики- соопштија од Општина Карпош.
При тоа, додаваат дека заедничката соработка меѓу Општина Карпош и Министерството за спорт претставува чекор кон создавање повеќе и поквалитетни спортски содржини за најмладите.
-Континуираното вложување во спортската инфраструктура е дел од заложбите за создавање средина во која децата ќе имаат можност активно да спортуваат и да ги развиваат своите потенцијали – нагласуваат од локалната самоуправа.












