Поранешниот македонски репрезентативец, Перо Антиќ, отворено зборуваше за состојбата во европската кошарка, а особено за големиот број странски играчи во клубовите. Тој го посочи неодамнешното српско „вечно дерби“ како пример, бидејќи во почетните петорки на Црвена звезда и на Партизан немаше ниту еден домашен кошаркар.
Тој смета дека токму недостигот на играчи што имаат вистинска припадност кон клубот е една од причините поради кои српските гиганти не успеваат да направат поголем чекор во Евролигата. Според него, домашните кошаркари се подготвени за поголеми жртви и имаат поинаков однос кон клубот и кон навивачите.
- Малку ме нервираше што нашите клубови им даваа предност на Американците, на странците, додека домашните играчи беа запоставени. Ни недостигаат домашни играчи, бидејќи тие чувствуваат поврзаност со клубот и се подготвени за поголеми жртви – изјави Антиќ за српскиот медиум „Јао, Миле“.
Легендарниот македонски кошаркар, кој подоцна беше и прв човек на Федерацијата, се осврна и на огромниот раст на буџетите во европската кошарка. Тој вели дека сумите што се трошат денес биле незамисливи во времето кога беше активен играч и дека спортот постепено го губи својот стар шарм.
- Тоа е лудило, шармот исчезна. Порано се боревме за тие пари, а сега само се фрлаат наоколу. Порано можеше да поминеш седум месеци без плата, а, сепак, да го дадеш максимумот за клубот. Ми недостига таквата кошарка – додаде поранешниот играч на Црвена звезда, Олимпијакос, Фенербахче…
Тој призна дека и самиот бил странец во многу клубови, но никогаш не дозволувал тоа да влијае на неговиот однос кон тимот. За него, професионализмот значел борба за клубот и за навивачите, а парите биле нешто за кое се размислувало надвор од теренот.
Антиќ зборуваше и за Ибон Наваро, тренерот на Црвена ѕвезда, како и за Жељко Обрадовиќ, со кого соработуваше во Фенербахче. За Обрадовиќ имаше само пофални зборови, но истовремено испрати и јасно предупредување до кошаркарите на Панатинаикос.
- Жељко си е Жељко – најголемиот на сите времиња! Таму има многу големи личности и само една топка, но не се сомневам дека Жељко ќе го среди тоа – порача Антиќ.
На крајот, тој особено го спомена Кендрик Нан, кој е една од најголемите ѕвезди на Панатинаикос. Антиќ смета дека никој нема посебен статус кај Обрадовиќ, без разлика колку е големо неговото име.
- Кендрик Нан е врвен играч, но таквиот говор на телото не поминува кај Жељко, без разлика кој си. Предупредување до сите играчи таму: не играјте си со Жељко! – заклучи Антиќ.











