Најголем скок бележи данокот на добивка со раст од околу 20 %, додека кај акцизите е евидентирано мало отстапување поради антикризните мерки
Буџетот се реализира со планираната динамика и без позначајни отстапувања ниту на приходната ниту на расходната страна, беше констатирано на координациската средба меѓу министерката за финансии – Гордана Димитриеска-Кочоска, директорката на УЈП – Елена Петрова и директорот на Царинската управа – Бобан Николовски.
Според официјалните податоци заклучно со август, реализацијата на вкупни приходи изнесува 230,6 милијарди денари (околу 3,75 милијарди евра), што претставува 60,77 % од планираното за годината и раст од 8 % во споредба со тој период минатата година. Што се однесува до даночните приходи, за осум месеци се собрани 131,5 милијарди денари (околу 2,14 милијарди евра), односно забележан е годишен раст од 8,2 %. Кај данокот на добивка, растот изнесува 19,9 %, од данок на личен доход има зголемување на приходите од 10,9 %. Растот на буџетските приходи од ДДВ изнесуваат 10,6 %, а кај увозните давачки се бележи раст од 9,7 %.
Кај вкупните расходи, реализирани се 268,9 милијарди денари (околу 4,37 милијарди евра), односно 63,15 % од годишниот план.
Министерката Димитриеска-Кочоска истакна дека Министерството за финансии, заедно со УЈП и со Царинската управа, детално ги следи сите движења. Одредено отстапување е забележано единствено кај акцизите, што се должи на владините мерки за ублажување на кризата со нафтените деривати.
Институциите најавија дека продолжуваат со редовниот мониторинг и со координацијата, со цел одговорно управување со јавните финансии и зачувување на фискалната стабилност.












