Шеесетото јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, ќе започне вечерва во Прилеп, во 19 часот со изложбата – 60 години „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Станува збор за хибридна изложба на артефакти од долгогодишната традиција на фестивалот. Во неа ќе се следи приказната за фестивалот визуализирана со конкретни сведоштва за луѓето и настаните што ги обележале овие години фестивалски живот. Патеката ќе започне од Театарот „Војдан Чернодрински“, ќе продолжи кон Музејот на икони, Градскиот саат, Реклами, и ќе заврши во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

-Сакаме да им оддадеме почит на тој начин што ќе ги споменеме заедно со сите фотографии, постери, документи, предмети кои ќе го осведочат времето што поминало, но и ќе направат одличен простор за времето што ќе дојде. Изложбата има и перформативен дел – студентите од ФДУ под менторство на режисерката Шенај Мандак играат перформанс на драмите од Дејан Дуковски. Патот на фестивалот е симболична патека на која преку нарација и аудиовизуелен контакт ќе може да ја следиме историјата на фестивалот и да ја видиме секоја значајна меморабилија – вели Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.

„Мачкина глава“

 

Свеченоста ќе продолжи во големата сала на Центарот, во 20 часот. Честа прв да настапи ќе ја има ансамблот на Драмскиот театар, со претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, од официјалната програма на фестивалот. На претставата ќе и претходни проекција на документарен филм посветен на фестивалот. На присутните ќе им се обрати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е покровител на фестивалот, а за отворен ќе го прогласи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Ќе се обрати и Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот. Пред изведбата на претставата, ќе бидат врачени наградите на лауреатите на наградите за животно дело на Атила Клинче, Сашо Миленковски, Веби Ќерими и Љубомир Чадиковски.

Вкупно 13 претстави ќе бидат изведена на јубилејното издание кое ќе трае до 12 јуни – девет во официјална и четири во придружна програма. Фестивалот годинава се одржува под мотото „Храбриот нов театар“ и тематот „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“. На затворањето ќе настапи Београдско народно позориште, со претставата „Црно злато“ Оливер Фрлјиќ, по текст на Дејан Дуковски, Авторот во фокус на фестивалот годинава.

Претстави кои ќе бидат изведени како дел од официјалната селекција се: „Амадеус“ од Петер Шефер во режија на Андреј Цветановски, продукција на Турски театар – Скопје, „Едмонд“ од Дејвид Мамет, во режија на Оливер Мицевски, продукција на Народен театар – Битола, „Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Народен театар – Куманово, „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Драмски театар – Скопје, „Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, продукција на Албански театар – Скопје, „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар – Штип, „Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје, „Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и „Челинџ“, автор и режија Јане Спасиќ, Театар за деца и младинци – Скопје.

Во придружна програма, пак, се избрани претставите: „Вилицата на Ибен Бајерс“ од Филип Грујиќ во режија на Борис Василевски, продукција на „Штрих“ – Скопје, „Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, копродукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје и Македонскиот народен театар – Скопје, „Невиност“ од Деа Лоер, дипломска претстава на класата по актерска игра, под менторство на проф. м-р Зоја Бузалковска и вонр. проф. м-р Александар Степанулески и
„Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, театар „Златен елец“.

За наградите на фестивалот ќе одлучува жирито во состав: Снежана Конески-Руси, актерка, режисерка, Дарко Лукиќ, театролог, независен театарски научник и автор од Хрватска и Аида Буквиќ, наградувана театарска и филмска режисерка од Хрватска.

 

На 7 јуни (в недела), од 18 часот ќе се одржи настан посветен на Дејан Дуковски. Ќе биде отворена изложба со постери од претстави создадени според негови драмски текстови и ќе бидат промовирани две нови книги со негови драми во издание на „Арс Ламина“. За нив ќе зборуваат Оливера Ќорвезироска, приредувач на книгата и Ана Стојаноска, автор на предговорот. Ќе следува и разговор со Дуковски.

Станува збор за книгите „ДРАМИ – Книга 1“ и „ДРАМИ – Книга 2“. Во првата книга се застапени драмите: „Балканот не е мртов“, „Буре барут“, „Маме му ебам кој прв почна“, „Другата страна“ и „Празен град“. Во неа има и впечатлив предговор од Слободан Унковски, нашиот истакнат режисер, кој тесно соработува со Дуковски уште од неговите почетоци. Втората книга ги содржи: „Утерус“, „Изгубени Германци“, „Дух кој оди“, „Последниот балкански вампир“ и „Црно злато (Опиум или Пари)“ – најновиот драмски текст на Дуковски, кој годинава ја имаше својата праизведба во Белград, а до крајот на годинава ќе биде поставен и на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје.

И годинава ќе биде организиран Музеј во движење со фокус на творештвото на актерите Благој Ивчески, Лидија Иваноска и Трајче Иваноски. Фестивалот и на ова издание ќе им даде простор за креација на децата во омилената за нив Детската зона, студентите на ФДУ ќе учествуваат во улични театарски перформанси, ќе бидат организирани промоции.

ИЗДВОЕНИ