Долгометражниот документарец „Руини“, во режија и по сценарио на Елена Чемерска, од утре (29 октомври) ќе се прикажува во киното „Синеплекс“.

„Руини“ е интимен филм за личната и за колективната меморија, за загубата и за наследството, каде што процесот на ревитализација на Споменикот на слободата во Кочани се претвора во патување низ сеќавањето и времето. Враќајќи се во Македонија за да го почне процесот на ревитализација на споменикот создаден од нејзиниот покоен татко, уметникот Глигор Чемерски, и од архитектот Радован Раѓеновиќ, Чемерска ги испреплетува архивските снимки и личните сеќавања со сегашноста на споменикот. Преку оваа лична приказна, филмот ги отвора прашањата за загубата, наследството и за исчезнувањето на некогаш споделениот општествен идеализам. Филмот произлегува од долгогодишниот проект „Татковина: споменик на слободата“, инициран од Чемерска во 2017 година, кој кулминираше со целосна реставрација на споменикот и на неговите мозаици во 2024 година.

Светската премиера на „Руини“ се одржа на 14 јуни годинава, во натпреварувачката документарна програма на 28. Шангајски интернационален филмски фестивал, а македонската премиера ја имаше на фестивалот „Македокс“.

Инаку, од 1 до 3 ноември филмот ќе игра во кафе-кино „Котур“ во Скопје, а на 4 ноември – во Центарот за култура „Крсте Мисирков“ во Крива Паланка. Во ноември, ќе има проекции и во Битола, во Куманово и во Кинотеката на Македонија во Скопје.

ИЗДВОЕНИ