петок, јуни 5, 2026
Дома СПОРТ На Самитот за родова еднаквост во спортот 15 федерации поддржани преку субгрантирање...

На Самитот за родова еднаквост во спортот 15 федерации поддржани преку субгрантирање од МОК ги презентираа акциските планови за инклузивност

10

Денеска во Скопје се одржа Самитот за родова еднаквост во спортот, на кој беа презентирани резултатите од проектот „Фер игра: Поддршка за родова еднаквост во спортските политики“. Настанот е во организација на Македонскиот олимписки комитет (МОК), во партнерство со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), здружението „Sport Social Solutions“ и Параолимпискиот комитет на Северна Македонија, а е реализиран со финансиска поддршка од Европската Унија.

Како што беше истакнато на самитот, во рамките на овој проект, 15 национални спортски федерации добија суб-грантови во висина од по 6.700 евра. Овие средства се наменети за развој и спроведување на сопствени акциски планови за родова еднаквост, како и за имплементација на конкретни мерки со кои спортските организации треба да станат поправедни, побезбедни и поинклузивни.

За време на настанот беа презентирани резултатите од досегашните активности на грантистите, при што беа споделени успешни практики, научени лекции и конкретни примери за улогата на спортските федерации како двигатели на позитивни општествени промени.

Во рамки на самитот се одржа и панел-дискусија на која претставници на спортските федерации и на Параолимпискиот комитет дебатираа за предизвиците, можностите и за идните чекори потребни за поголема застапеност на жените, како на спортските терени, така и во процесите на донесување одлуки.

Организаторите изразија задоволство од покажаното лидерство и посветеност на вклучените федерации, посочувајќи ги како пример за позитивни промени во македонскиот спорт и инспирација за идните генерации. Од самитот беше испратена порака дека еднаквите можности во спортот се заедничка одговорност и дека продолжува работата кон градење спортски систем кој е безбеден, инклузивен и достапен за сите.

 

ИЗДВОЕНИ