Дури и неколку децении по завршувањето на војната во Југославија, некои луѓе се подготвени да убиваат за да ја прикријат вистината за неа, но Владан е решен да го пронајде татка си без оглед на последиците… Ова е краткото сиже на долгометражниот филм, македонска копродукција, „Југославија, мојата татковина“ по сценарио и во режија на Горан Војновиќ и Александар Поповски
Заврши снимањето на долгометражниот игран филм „Југославија, мојата татковина“ (Јugoslavija, moja dežela), според сценарио и во режија на Горан Војновиќ и Александар Поповски. Филмот е во продукција на „Арсмедија“ од Словенија, а македонски копродуцент е „Кинооко“.
– Луѓето се сеќаваат. Тоа е нивно најголемо проклетство – вели еден од ликовите во книгата „Југославија, мојата татковина“, напишана од Горан Војновиќ, според која е снимен филмот.
Триесет и тригодишниот Владан Бороевиќ, асистент на Филозофскиот факултет, живее сосема обичен живот со својата девојка, Надја, сè додека една вечер на фотографија не здогледа војник што личи на неговиот покоен татко. Го внесува името на татка си на интернет-пребарувачот и одеднаш сè во неговиот живот се менува. Речиси дваесет години тој бил убеден дека загинал неговиот татко, офицер во Југословенската народна армија, во војната, но се покажува дека е жив. И не само тоа, генералот Недељко Бороевиќ е обвинет за воени злосторства и веќе со години се крие од Меѓународниот суд во Хаг.

Како дете, Владан живеел во Пула, а на почетокот од војната семејството се преселило во Белград, од каде што заминал татко му во војна, додека тој избегал со мајка си во Словенија. Набргу потоа, мајка му му кажала дека татко му загинал во војната, но, очигледно, го излажала. Владан е решен да стапи во контакт со него и да ја дознае вистината за него, па затоа е принуден повторно да воспостави контакт со својата отуѓена мајка, Душа, која создала ново семејство во Љубљана. Од неа успева да ја дознае адресата на Недељко во Брчко, од каде што Недељко последен пат ѝ пишал. Иако е убедена дека Недељко одамна не живее на таа адреса, Владан одлучува да отпатува во Брчко. Во исто време, дознава дека Надја е бремена, но се чини дека, со оглед на сè што му се случува, не може целосно да го сфати тоа. Надја сака да остане покрај неа, но тој, сепак, одлучува да замине за Босна.
Додека го разгледува станот, го наоѓа и непратеното писмо од Недељко до Душа. Но, набргу откако го напушта поранешниот стан на татка си, тој се наоѓа врзан и затворен во багажникот на автомобил. Кога, конечно, ќе се отвори багажникот, се наоѓа на напуштено место покрај река, а покрај него стојат тројца мажи што, очигледно, го сметаат за непожелен љубопитник и сакаат да го ликвидираат. Дури и неколку децении по завршувањето на војната во Југославија, некои луѓе се подготвени да убиваат за да ја прикријат вистината за неа, но Владан е решен да го пронајде татка си без оглед на последиците…
Во едно од интервјуата за словенечки медиум, прашан за југоносталгијата, Горан Војновиќ одговорил: „Проблемот со југоносталгијата е во тоа што таа идеализира работи што, политички гледано, беа далеку од идеални“. Од друга страна, тој смета дека и демонизирањето на југоносталгијата е погрешно.
– Не може да им се забрани на луѓето да се сеќаваат на убавите времиња – посочил Војновиќ.
Филмот е сниман во Словенија, Хрватска, Австрија, Босна и Херцеговина и во Србија. Продуцент на филмот е Боштјан Иковиќ („Арсмедија“), а македонски копродуцент Роберт Насков („Кинооко“). Директор на фотографија е Милош Срдиќ, сценограф Наташа Рогељ, костимограф Јелена Проковиќ, маскер Горан Игњатовски, композитор Кирил Џајковски, монтажер Александар Станоjевиќ, а дизајнер на звук – Боштјан Качичник.
Главните улоги ги толкуваат: Матевж Слуга, Клара Кук, Наташа Барбара-Грачнер, Игор Самобор, Драган Мичановиќ, Зоран Цвијановиќ, Изудин Бајровиќ и други регионални актери.
Филмот е поддржан од Словенечкиот филмски центар и од македонската Агенција за филм. (Д. Т.)












