Народната банка одбележа 80 години централно банкарство со свечена академија во Музејот на Народната банка, на која присуствуваа највисоки државни претставници, дипломати, претставници на бизнис-заедницата и меѓународните финансиски институции. Гувернерот Трајко Славески истакна дека независноста, професионалноста и интегритетот остануваат клучни принципи во работењето на институцијата, нагласувајќи ја важноста на довербата и стабилноста за идниот развој.

– Стабилноста ќе остане јавно добро, довербата најскапоцениот капитал, а одговорноста наша обврска – порача Славески.

Тој се осврна на осумдеценискиот развој на централното банкарство, монетарното осамостојување и напорите за одржување на ценовната стабилност, стабилноста на домашната валута и сигурноста на банкарскиот систем. Посочи и на усогласувањето со европските и меѓународните стандарди, унапредувањето на финансиската стабилност и примената на дигиталните иновации.

Како значаен резултат го издвои членството во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), со кое, според него, за помалку од една година надоместоците за прекуграничните плаќања во евра се намалени до шест пати за граѓаните и до девет пати за компаниите.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека Народната банка во изминатите осум децении ги зајакнала институционалните, аналитичките и оперативните капацитети, справувајќи се со домашните и глобалните предизвици. Таа нагласи дека наследството на институцијата претставува основа за идниот развој, но и обврска за континуирано унапредување.

ИЗДВОЕНИ