Според Василија Чали, директорка на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, во чија организација се организира фестивалот, публиката ќе има можност до 30 јуни да проследи над 50 случувања, концерти, изложби, претстави, промоции и мултимедијални настани со уметници од над 10 држави. Годинашново 47. издание започнува со „Аманет во свила“ и звуците на Македонија од Византија до денес, во изведба на камерниот гудачки оркестар „Полифонија“ и солистот Петар Христов, на 21 јуни (20:30 ч.)

Со концертот насловен „Аманет во свила“ и звуците на Македонија од Византија до денес, во изведба на камерниот гудачки оркестар „Полифонија“ и солистот Петар Христов, на 21 јуни (20:30 ч.) стартува 47. издание на традиционалниот фестивал „Скопско лето“. Според Василија Чали, директорка на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, во чија организација се организира фестивалот, публиката ќе има можност до 30 јуни да проследи над 50 случувања, концерти, изложби, претстави, промоции и мултимедијални настани со уметници од над 10 држави.

– И оваа година имаме на избор 45 настани во различни медиуми. Програмата ќе содржи 18 музички концерти, 9 театарски претстави, имаме изложби, активности за најмладите, филмски случувања… Тие ќе се одржуваат на повеќе локации, бидејќи имаме голем број најавени настани. Инаку, „Скопско лето“ финансиски е поддржано од Министерството за култура и од Град Скопје – вели Василија Чали.

Инаку, концертот „Аманет во свила“ е уникатен аудиовизуелен настан што претставува длабок спој на традиционалниот мелос, византиската духовна музика и на класичната софистицираност. Преку богатиот звук на автентичните инструменти лира, уд, лаута, дудук, ксантур, тамбура и кларинет, публиката ќе патува низ вековите: од емоцијата на македонската изворна песна, преку молитвените псалми, па сè до раскошните византиски и средновековни мотиви.

Солист е Петар Христов (лира, уд, лаута, дудук, G-кларинет), а специјални гости: Ана Митовска (вокал, ксантур), Горан Трајковски (вокал), Гоце Ристовски (вокал, тамбура), Симон Облешевски (вокал, удиралки), Александар Ицковски (виолончело, кларинет).

Оркестарот „Полифонија“, пак, го сочинуваат Сања Шуплевска (виолина), Ирена Костовска (виолина), Гоце Вангеловски (виолина) и Филип Георгиев (виола).

Концертот нуди внимателно конципирана репертоарска линија во 18 точки, која се движи од моќните традиционални теми како „Развивај, горо зелена“, преку духовната длабочина на псалмите 118 и 120 и мистичните композиции „Ватопед“ и „Тврдокорна молитва“, па сè до раскошните оркестарски звуци на „Весела Византија“ и „Бузелик“.

Таа вечер, во рамките на програмата ќе се одржат уште неколку настани.

Вечерта во 20:30 ч., во Музејот на македонската борба за самостојност, ќе биде отворена изложбата „75 години Државен архив на Република Македонија“. На 16 паноа прикажани се документи што зборуваат за историјата на Македонија во османлискиот период, историјата на секојдневниот живот, за Македонците што живеат во дијаспората, културниот живот во XX век, институционалната меморија во македонската држава и други. Автори на изложбата се м-р Марјан Гијовски, Блерта Емини, Дора Јурукова, д-р Јасмина Дамјановска и м-р Јован Стојановски.

Концерти на 21 јуни ќе има и во другите градови во државата, па така ќе се слуша барокна музика во црквата „Света Софија“ во Охрид, во изведба на Дубровачки гудачки квартет и солистите Ања Папа Перановиќ (сопран), Берислав Јерковиќ (баритон), Слободан Бегиќ и Кармен Бегиќ на виолина, Ива Нодило на виолончело и Анте Блажевиќ на оргули.

Во рамките на 40- дневната програма ќе се одржат и концерти на народните ансамбли „Светлост“ од Мелбурн и „Македонски бисери“ од Волонгонг, во соработка со Националната агенција за иселеништво на Македонија.

Премиерно ќе биде изведена претставата „Вонзмјани“ на Независен театар Мана, во копродукција со Македонскиот народен театар, а ќе може да се види и изложбата „Два погледа на документарната фотографија“ на авторите Зоран Андонов и Драги Неделчевски.

Љубителите на џезот, пак, ќе може да присуствуваат на промоцијата на нов албум на „Next to silence“.

Каталогот и визуелниот идентитет на „Скопско лето 2026“ се изработени од графичкиот дизајнер Климент Коробар. (Д. Т.)

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ