Во услови на континуиран раст на електронската трговија и зголемен број онлајн купувања, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) го објави најновото ажурирано издание на регистарот на е-трговци, со цел да им овозможи на граѓаните полесно и побезбедно да проверат од кого купуваат пред да извршат онлајн плаќање. Регистарот претставува единствена и сеопфатна база на податоци за сите домашни онлајн продавачи што нудат плаќање со платежни картички и се ажурира во соработка со петте банки што процесираат електронски трансакции во земјава.
Според податоците на Народната банка, во текот на 2025 година во земјата биле евидентирани 1.829 места на продажба за е-трговија, од кои 1.396 биле активни, односно реализирале најмалку една трансакција во текот на годината. За потребите на ажурирањето, АЕТМ врши проверка, идентификација и категоризација на е-продавниците, со што регистарот обезбедува структуриран увид во домашната понуда на електронска трговија. Согласно со методологијата на АЕТМ, за активни се сметаат е-продавниците што реализирале најмалку една онлајн трансакција во текот на годината и имале активна веб-страница во моментот на проверката.
Најновото издание на регистарот опфаќа 1.374 активни е-продавници, распределени во 25 категории. Анализата покажува дека најзастапени се продавниците за козметика, производи за убавина и нега (115), облека, обувки и модни додатоци (100), храна и пијалаци (87), бела техника и електроника (86), како и туристички услуги (81). Значително присуство имаат и е-продавниците што нудат веб-услуги, стриминг и дигитални содржини (73), образовни услуги (71), како и производи за домот, мебел и градина (61).
Податоците укажуваат дека домашната е-трговија повеќе не е ограничена само на традиционалните сегменти како мода, козметика и електроника. Сè поголем удел имаат услугите, образованието, туризмот и дигиталните производи, што се смета за показател на постепено зреење на пазарот и промена на потрошувачките навики.
Дополнителна тежина на регистарот му дава фактот што електронската трговија во Северна Македонија продолжува да бележи силен раст. Според анализата на АЕТМ базирана на најновите податоци од Народната банка, вкупната вредност на онлајн трансакциите во 2025 година достигнала 950 милиони евра, што претставува раст од 32 проценти во споредба со претходната година. Од вкупниот износ, 522 милиони евра биле реализирани кај домашните е-трговци, додека бројот на активни места на продажба за е-трговија е зголемен за 84 во однос на 2024 година.
– Податоците покажуваат дека е-трговијата продолжува да се развива со солидно темпо, како во однос на вредноста на трансакциите така и во однос на понудата. Покрај традиционално силните категории како козметика, мода и електроника, сè поголема застапеност имаат услугите, едукацијата, туризмот и дигиталните производи, што е показател за зреење на дигиталната економија и проширување на навиките за онлајн купување кај потрошувачите – изјави Нина Ангеловска-Станков, претседател на АЕТМ.
Од АЕТМ посочуваат дека регистарот претставува важна алатка за заштита на потрошувачите, особено во време кога значителен дел од онлајн измамите се реализираат преку нерегистрирани продавачи, најчесто преку социјалните мрежи. Со неколку клика, граѓаните може да проверат дали е продавачот регистриран правен субјект и дали користи интегриран систем за онлајн плаќање преку банка. Истовремено, регистарот придонесува и за намалување на сивата економија преку поголема транспарентност и видливост на легалните е-трговци.
За самите компании, присуството во регистарот претставува дополнителна потврда за кредибилитетот и доверливоста, како и можност за поголема изложеност пред потенцијалните купувачи.
Во регистарот се вклучени е-трговци што имаат регистриран правен субјект во Република Северна Македонија, интегрирано онлајн плаќање преку една од петте банки и реализирале најмалку една онлајн трансакција во текот на 2025 година.
За потребите на најновото ажурирање, АЕТМ користела и алатки базирани на вештачката интелигенција за автоматизирана проверка на активноста, достапноста и категоризацијата на е-продавниците.












