Вкупните депозити во мај годинава се зголемени за 8,6 % на годишно ниво, додека вкупните кредити бележат раст од 13,4 %, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Годишниот раст на депозитите произлегува од повисоките депозити кај двата сектори, при што поголем придонес има секторот домаќинства. Истовремено, кредитната активност продолжува да се засилува, а растот е поддржан од зголеменото кредитирање и на компаниите и на граѓаните, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Во мај, паричната маса е зголемена за 0,8 % на месечно ниво, најмногу поради растот на готовите пари во оптек, долгорочните депозити до две години и депозитните пари. На годишна основа, паричната маса е повисока за 8,6 %. Вкупните депозити на месечно ниво се зголемени за 0,8 %, главно како резултат на растот на депозитите на корпоративниот сектор. Депозитите на компаниите се повисоки за 2,5 % во однос на април и за 5,8 % на годишно ниво, додека депозитите на домаќинствата останаа речиси непроменети на месечна основа, но се зголемени за 9,7 % споредено со мај минатата година.
Кај кредитирањето, кредитите за корпоративниот сектор бележат месечен раст од 0,9 % и годишен раст од 15 %, при што зголемувањето во целост се должи на кредитите во денари. Кредитите на домаќинствата се повисоки за 1,3 % на месечно ниво и за 10 % на годишна основа.
Според намената, потрошувачките кредити во мај пораснале за 1,1 % на месечно ниво и за 11,2 % на годишно ниво, додека станбените кредити се зголемени за 1,4 % месечно и за 16,3 % на годишна основа. Раст е забележан и кај автомобилските кредити, кои се повисоки за 8,4 % во споредба со тој период лани.
Од Народната банка посочуваат дека кредитите одобрени преку кредитни картички и натаму се во надолна годишна траекторија, со пад од 4,1 %, додека негативните салда на тековните сметки бележат годишен раст од 5 %.












