Лука Дончиќ првпат во кариерата нема да настапи за словенечката репрезентација, а словенечките медиуми откриваат дека причината не е ниту повреда ниту притисок од Лос Анџелес лејкерс, туку тешката семејна ситуација и борбата за старателство над неговите ќерки.

Според словенечкиот портал „Екипа свет24“, Дончиќ веќе со месеци се соочува со сериозни приватни проблеми поврзани со поранешната партнерка, Анамарија Голтес. Наводно, фиксните судски термини и средби поврзани со децата му оневозможиле да ги усогласи репрезентативните обврски со приватниот живот.

Иако словенечката ѕвезда сакала повторно да игра за националниот тим, според информациите, секое нејзино отсуство поради подготовки и натпревари можело да биде искористено против неа во процесот за старателство. Изворите тврдат дека се случила слична ситуација и минатото лето, во текот на Евробаскетот.

Дончиќ и самиот потврди на социјалните мрежи дека причината за неговото откажување е поврзана со семејството.

  • Ги сакам моите ќерки повеќе од сè и тие секогаш ќе ми бидат на прво место во животот. Бидејќи сè уште се борам за старателство над нив, бев принуден да донесам многу тешка одлука – напиша Дончиќ.

Тој додаде дека последните осум месеци му било исклучително тешко да ги гледа своите деца и дека во моментов негов приоритет е да биде татко, а не кошаркар.

Словенија ова лето ја очекуваат квалификации за Светското првенство, но ќе мора без својот најголем ас. Репрезентацијата е лидер во групата со Чешка, Естонија и со Шведска, а во следната фаза ја очекуваат многу потешки предизвици против Финска, Франција и, најверојатно, Унгарија.

ИЗДВОЕНИ