При денешниот увид во градежните активности на проектот „Подобрување на системот за водоснабдување во руралната населба Каменик“, во Општина Кисела Вода, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека индустриското производство бележи позитивни резултати, што е особено значајно ако се земат предвид актуелните економски состојби во светот и Европската Унија, која е најголем трговски партнер на земјава.
-Она што ме охрабрува е прометот во индустријата што е над 5,5 отсто поголем во споредба со третиот квартал минатата година. Тоа значи дека расте прометот во индустријата, и дома и на меѓународниот пазар, а тоа беше претходно потврдено и со растот на извозот. ова се лоши вести за опозицијата која сака земјава да оди во минус, а не во плус, рече Мицкоски.
Тој посочи дека позитивните резултати се особено значајни во услови на актуелните економски состојби во светот и Европската Унија, која е најголем трговски партнер на земјава.
Растот на индустрискиот промет, според Мицкоски, се надоврзува и на претходно забележаното зголемување на извозот.
Премиерот оцени дека економските показатели не ги потврдуваат очекувањата на опозицијата за негативни резултати. Според него, по речиси две и пол години консолидација, земјата стигнала до „точка нула“, од која очекува натамошен раст и поинтензивен развој.
„Сите индикатори укажуваат на тоа што ние уште на самиот почеток го велевме, дека треба трпение, дека мора полека да ги консолидираме работите и еве конечно, по речиси две и пол години, дојдовме до точка нула, а бевме во длабок минус“, изјави Мицкоски, додавајќи дека идниот развој ќе зависи и од состојбите во светот.












