Македонија го освои првото злато на Европското првенство во кикбокс, кое се одржуваше изминатите седум дена.во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. На последниот натпреварувачки ден, најголемата радост за домашната публика ја донесе Нелсон Узеир, кој на доминантен начин стигна до европската титула.
Во финалето во дисциплината лоу-кик, категорија до 86 килограми, тој го совлада српскиот претставник Милош Давидовиќ и го освои најсјајното одличје за Македонија на шампионатот.
Сепак, имаше и големо разочарување. Силвио Марковски, и покрај одличната борба и доминацијата во финалето во лоу-кик до 71 килограм против Црногорецот Немања Цадленовиќ, по спорна судиска одлука мораше да се задоволи со сребрениот медал. Македонскиот борач остави одличен впечаток, но остана без златото, кое го заслужиспоред прикажаното.
Сребро освои и Стефан Михајловски во дисциплината кик-лајт, категорија над 94 килограми, откако беше поразен во финалето од Словакот МихалЈанак.
Македонскиот биланс на шампионатот го комплетираа и шесте бронзени медали освоени од Петар Велков, Наум Додевски, Марија Димовска, Теа Велковска, Викторија Варадинова и од Анастасија Јанчевска.
Покрај спортските резултати, Македонската кикбокс федерација заслужува високи оценки и за организацијата на Европското првенство, кое беше најмасовно во историјата на ова натпреварување. Скопје уште еднаш покажа дека може да биде одличен домаќин на големи меѓународни спортски настани.











