Ако се суди според прикажаното на претходните пет натпревари, тогаш слободно може да се каже дека е добро, можеби и одлично, што фудбалската репрезентација на Македонија утре (20:45 ч.) ќе го одигра последниот натпревар од најновото издание на Лигата на нациите.

Избраниците на Гоце Седлоски ќе ја нагостат на националната арена „Тоше Проески“ селекцијата на Словенија, која со 2:0 го доби првиот меѓусебен дуел.

Најново, кога е во прашање националниот тим, е дека во петокот тој со 2:1 го загуби дуелот против репрезентацијата на Шкотска, но постигна гол по 844 минути активна игра (или 777 минути во ерата на актуелниот селекторот), прекинувајќи ја сушата од 360 дена без постигнат погодок.

Не е никаква тајна дека Македонија игра под очекувањата веќе подолг период, а за тоа зборува и фактот дека откако седна Седлоски на селекторското столче, неговите избраници запишаа седум порази, два пати одиграа без победник, примија 20 погодоци и постигнаа само еден гол.

Кога е во прашање дуелот против селекцијата на Словенија, предводникот на нашиот тим изјави дека мора да покажеме карактер доколку сакаме да дојдеме до првата победа во Лигата на нациите во овој циклус.

  • Словенија е поинаква селекција, компактна е и излегува моќно од дефанзива. Мислам дека ќе покажеме карактер и верувам дека можеме да дојдеме до трите бода. Треба да се гледаме самите себеси. Нека биде отворен натпревар, нека има многу шанси, па нека победи подобриот. Ќе видиме како ќе изгледа ситуацијата по тренинзите, па ќе одлучам за стартниот тим. Мора да тргнеме поофанзивно од претходните дуели. Создаваме шанси, а кога креирате по две-три шанси на вакви дуели, треба да ги искористите – вели селекторот.

ИЗДВОЕНИ