Селекторот на женската кошаркарска репрезентација на Македонија, Виктор Петровски, верува дека младата селекција има потенцијал за напредок и за подобри резултати и покрај убедливиот пораз од Естонија (51:86) во претквалификациите за Евробаскетот 2029.

По натпреварот, Петровски посочи дека националниот тим минува низ процес на создавање, со голема генерациска промена и со значително присуство на млади кошаркарки. Сепак, како позитивни работи ги издвои карактерот, пожртвуваноста и односот на репрезентативките кон националниот дрес.

  • Мораме да бидеме реални дека сме тим што е во процес на создавање, со многу млади кошаркарки и соочен со голема генерациска промена. Она што особено сакам да го истакнам е карактерот на овие кошаркарки. Се бореа до последната секунда, веруваа и не се предадоа ниту во еден момент – истакна селекторот.

Тој потсети и на гостувањето кај Романија, каде што Македонија го доби второто полувреме, оценувајќи дека тоа е доказ дека тимот може да одговори на предизвиците и дека поседува потенцијал за подобри изданија.

Петровски не го криеше оптимизмот и порача дека има целосна доверба во кошаркарките, но и дека претстои многу работа за да се подобри играта на националниот тим.

  • Имам огромна доверба во оваа група. Верувам во нивните квалитет, потенцијал и карактер. Имаат целосна поддршка од мене и ќе продолжиме да работиме заедно – порача Петровски.

На крајот, селекторот нагласи дека најважно е репрезентацијата да остане обединета и да изгради тимски карактер, со кој ќе се бори за секоја топка и секоја победа во предизвиците што следуваат.

ФОТО: КФМ

ИЗДВОЕНИ