Домашните аеродроми го задржуваат приматот во регионот, поткрепен со најновите податоци и меѓународни анализи. Порастот на бројот на патници и воведувањето нови авиолинии ја позиционираат Македонија како една од најдинамичните авиодестинации на Балканот.

Според информациите објавени од специјализираниот авиопортал „EX-YU Aviation News“, Меѓународниот аеродром Скопје бележи пораст од 32 проценти во споредба со истиот период минатата година. И покрај глобалните предизвици, меѓу кои и влијанието на конфликтот на Блискиот Исток, што резултирало со намалување од околу 6 илјади седишта од вкупно понудените над 390 илјади, аеродромот останува високо позициониран во регионот.

Позитивните трендови се забележуваат и во вкупниот сообраќај. Во првите месеци од годинава, македонските аеродроми бележат пораст од 30 проценти по број на патници и околу 20 проценти по број на операции.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, оценува дека овие резултати се директен ефект на владините политики насочени кон развој на авиосообраќајот.

– Македонските аеродроми остануваат лидери во регионот, а тоа е резултат на стратешки пристап и на посветена работа во изминатиот период – изјави Николоски.

Само од почетокот на годината се воспоставени нови авиолинии од Скопје кон Неапол и Будимпешта, како и од Охрид кон Милано и Братислава. Во текот на летната сезона се најавени и дополнителни дестинации.

– Во јули започнуваат линиите од Охрид кон Катовице и Вроцлав, како и од Скопје кон Палермо и Алгеро. За неполни две години воведовме 24 нови авиолинии, што претставува рекорд. Развојот на авиосообраќајот останува наш приоритет, што го потврдуваме и со проектот за реконструкција и проширување на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“– истакна Николоски.

Тој додаде дека очекувањата се годинава бројот на патници да надмине 3,5 милиони, а веќе следната да достигне и до 4 милиони, што би претставувало нов историски максимум. Во однос на состојбата со снабдувањето со гориво, министерот уверува дека ситуацијата е стабилна и дека авиосообраќајот се одвива без прекини, благодарение на координацијата меѓу надлежните институции.

ИЗДВОЕНИ