Во рамки на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашингтон, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, остварија заедничка средба со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли, при што беа потврдени заложбите за одржување на макроекономската стабилност и спроведување на клучните економски реформи.

На средбата беше поздравена определбата на Владата за постепена фискална консолидација, со цел намалување на буџетскиот дефицит под 3 проценти на среден рок, како и задржување на стабилноста на јавните финансии. Истовремено, беше истакнато дека преку значителни капитални инвестиции се поддржува економскиот пораст, кој бележи позитивни трендови со стапки од околу и над 3 проценти во изминатиот период.

–  Разговорите се одвиваа во услови на зголемена глобална неизвесност, предизвикана од геополитичките тензии, особено на Блискиот Исток, при што посебен акцент беше ставен на влијанието врз енергетските текови, инфлациските притисоци и економските изгледи. Соговорниците се согласија дека е потребно внимателно следење на ризиците и навремена реакција на економските политики доколку тие се прелеат врз домашната економија – информираа од МФ и Народната банка.

Во таа насока, беше нагласена важноста од координирано дејствување на фискалната и на монетарната политика. Од Народната банка беше истакнато дека институцијата внимателно ја следи состојбата и е подготвена да интервенира со соодветни монетарни инструменти со цел одржување на ценовната и финансиската стабилност, особено во услови на можни второстепени инфлациски ефекти.

Дополнително, беше нагласено значењето на независноста на централните банки како клучен предуслов за ефективно спроведување на монетарната политика и зачувување на довербата во институциите. Соговорниците ја реафирмираа и важноста на континуираната соработка со ММФ, особено во делот на унапредување на институционалните и аналитичките капацитети.

На средбата беа поздравени и наодите од последната Мисија на ММФ за член 4, како и новата иницијатива на Фондот за поддршка на земјите од Западен Балкан и Молдавија во насока на зајакнување на институциите и усогласување со европските стандарди.

Средбата беше оценета како потврда на заедничката заложба за одржување на стабилна и отпорна економија, способна да се справи со надворешните шокови и предизвици во глобалното окружување.

 

ИЗДВОЕНИ