Во координирани акции на повеќе институции, изминатиот викенд беа запленети десетици кубни метри нелегално исечена дрвна маса и разбиени организирани групи дивосечачи на неколку локации низ државата. На Скопска Црна Гора, во близина на Брест и Малино, службите открија дрва без документација, додека паралелно акции се спроведоа и во Источниот и во Југоисточниот Регион. Надлежните најавуваат засилени контроли и нулта толеранција, а се истражува и сомнителниот пожар што избувна за време на акцијата кај Блаце

 

Акциите на вработените на ЈП „Национални шуми“ и на Шумската полиција против нелегалната сеча на дрва во изминатиот период резултира со значајни заплени и откривање на организирани групи дивосечачи на повеќе локации низ државата. Последен пример е саботната акција, каде што во обемна теренска акција на Скопска Црна Гора, во близина на селата Брест и Малино и во координација со Шумската полиција од Скопје и Граничната полиција – Регионален центар Север, се запленети десетици кубици нелегално посечени дрвја.

Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, информира дека акцијата е спроведена по претходни оперативни сознанија.

– Во заедничка акција на нашите служби со Шумската полиција и со Граничната полиција, се изврши конфискација на неколку десетици кубни метри дрва. Станува збор за дрвна маса за која не е утврдено дека потекнува од легална сеча со соодветна документација – изјави Михаилов.

Тој нагласи дека ваквите појави во пограничниот појас кон Косово се повторуваат, но институциите се решени да стават крај на нелегалните активности.

– Не е првпат во овој регион да детектираме вакви случаи, но сигурно нема да биде ни последен. Ќе продолжиме со постојани контроли на терен. Не постои педа на која ќе дозволиме вакви нелегални активности – без разлика дали се работи за исток, запад, север или југ на државата – нагласи Михаилов.

Тој додаде дека запленетата дрвна маса ќе биде транспортирана во складовите во Скопје, а против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

– Ветивме нулта толеранција за криминалот и корупцијата и тоа ќе го спроведеме на дело. Сите случаи ќе бидат процесуирани без компромис – решителен е Михаилов.

Во текот на акцијата, на неколку километри од местото на интервенцијата, во близина на Блаце избувнал пожар, кој за релативно кратко време бил локализиран. Поради брзата реакција на противпожарните единици и на вработени на ЈП „Национални шуми“, пожарот беше ставен под контрола за околу час и половина.

– Не сакам да прејудицирам, но искрено мислам дека не се појави случајно во исто време со нашата акција – изјави Михаилов, додавајќи дека состојбата внимателно се следи и ќе се преземат сите потребни мерки.

Освен со активностите во Скопскиот Регион, серија акции биле спроведени и во источниот и југоисточниот дел на државата. Во Делчевскиот регион биле одземени 19 кубни метри нелегално исечени дрва, додека во Струмичко била разбиена организирана група дивосечачи. Во посебна акција, шумочуварската служба при ПШС „Беласица“ – Струмица, заедно со шумските полиции од Струмица и Валандово и со поддршка на СВР Струмица, затекнала група од над 20 лица од селото Баница, кои вршеле нелегална сеча и транспорт на нежигосано дрво без документација.

– На самото место беше затекната група со повеќе од 20 луѓе. Беше одземено поголемо количество дрва и беа изготвени седум записници. Станува збор за добро организирана група која подолг период дејствувала на терен – информира Михаилов.

Сепак, тој укажува дека проблемот со дивосечата не може да се реши само со казнени мерки, туку бара и поширок системски пристап.

– Да не биде секогаш игра на добри и лоши момци. Овие луѓе со години биле оставени да го прават ова. Системот им го дозволил тоа. Затоа, системот сега мора да понуди решение – да им обезбеди алтернативна егзистенција и да ги едуцира за штетата што ја предизвикуваат врз природата – истакна тој.

Михаилов посочи дека дел од жителите од овие подрачја веќе ја напуштиле земјата во потрага по подобар живот, но нагласи дека долгорочното решение мора да се бара дома.

– Каменот си тежи на своето место. Решението не е иселување, туку заеднички да изградиме систем што ќе функционира. Денес имаме механизми и технологија – ако сака системот, ќе стави ред на секое поле – заклучи заменик-директорот.

Од ЈП „Национални шуми“ најавуваат дека ваквите координирани акции ќе продолжат и во наредниот период, со цел сузбивање на нелегалната сеча и заштита на шумските ресурси.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ