среда, ноември 18, 2026
Дома СВЕТ Си Џинпинг со порака до светот: Без соработка нема просперитет, без стабилност...

Си Џинпинг со порака до светот: Без соработка нема просперитет, без стабилност нема иднина

30

Мирот, стабилноста, слободната трговија и технолошките иновации се клучни за идниот економски развој на регионот, порача кинескиот претседател Си Џинпинг на Самитот на извршни директори на АПЕК, истовремено претставувајќи ја Кина како голем пазар и перспективна дестинација за глобалните инвестиции.

Кинескиот претседател повика на посилна регионална соработка, отворени пазари и заедничко справување со глобалните економски предизвици, оценувајќи дека Азија-Пацификот мора да избере меѓу соработка и конфронтација, отворање и затворање, како и приспособување кон промените или задржување на старите пристапи. Ова го порача во главното обраќање на Самитот на извршни директори на АПЕК 2026, што се одржува во Шенжен, во кинеската провинција Гуангдонг.

Осврнувајќи се на актуелните глобални економски околности, Си оцени дека светот се соочува со недостиг од импулс за раст, додека едностраниот пристап и протекционизмот стануваат сè позастапени. Сепак, според него, глобалната трговија продолжува да расте и покрај пречките, а технолошките иновации забрзано го менуваат глобалниот развој.

-Што се случува со светот? Што треба да направиме во регионот Азија-Пацифик? Да ги отвориме или затвориме вратите, да соработуваме или да дејствуваме едни против други, да се приспособиме на промените или да се држиме до старите начини? Ова се тешки прашања на нашето време на кои мораме да дадеме одговор, истакна кинескиот претседател.

Тој нагласи дека АПЕК, од своето формирање во услови на економска глобализација, има значајна улога во насочувањето на регионалниот економски развој. Кина, која годинава по третпат е домаќин на форумот, е подготвена заедно со останатите членки да работи на изградба на азиско-пацифичка заедница и обезбедување просперитет за сите.

Како прв предуслов за таквата иднина, Си ги посочи мирот и стабилноста, оценувајќи дека економскиот напредок во регионот во изминатите децении во голема мера се должи на стабилното опкружување.

 -Нема просперитет без безбедност, ниту безбедност без стабилност, порача тој, повикувајќи на зачувување на повоениот меѓународен поредок, унапредување на мултиполарниот свет и инклузивната економска глобализација. Според него, разликите меѓу државите треба да се решаваат преку дијалог и консултации, а предизвиците преку солидарност и соработка.

Во делот посветен на економската интеграција, кинескиот претседател ја нагласи потребата од зачувување на мултилатералниот трговски систем во чие средиште е Светската трговска организација, како и од слободна и отворена трговија и инвестиции. Посебно се осврна на потребата од стабилни глобални индустриски синџири и синџири на снабдување.

Си повика и на забрзување на напорите за создавање Зона на слободна трговија на Азија-Пацификот, развој на регионална инфраструктурна и дигитална поврзаност, како и продлабочување на соработката во прекуграничната електронска трговија и паметната царинска администрација.

 -Историјата ни покажува дека отворањето на вратите носи напредок, додека нивното затворање води кон заостанување, истакна Си, нагласувајќи дека регионалната економска интеграција бара отстранување на трговските и инвестициските бариери.

Како трет приоритет ги посочи иновациите, особено во областа на вештачката интелигенција, дигиталната економија и зелената транзиција. Според него, економиите од АПЕК веќе имаат значаен придонес во глобалниот технолошки развој, преку создавање компании-еднорози, големи модели на вештачка интелигенција и иновации што наоѓаат примена во различни индустрии и секојдневниот живот.

Тој повика на изградба на партнерства во науката, технологијата и иновациите, со цел технолошките предности да се претворат во нови двигатели на економскиот раст.

Четвртиот столб на идната соработка, според Си, треба да биде рамномерниот и инклузивен развој, кој ќе обезбеди придобивки за сите економии, без оглед на нивното ниво на развиеност.

Во тој контекст, тој се заложи за развојна политика насочена кон човекот, поголема економска и техничка поддршка за земјите во развој и продлабочување на соработката во транспортот, јавното здравство, енергетиката, безбедноста на храната и борбата против корупцијата.

Посебен акцент во говорот стави и на потенцијалот на големите заливски економски подрачја, посочувајќи го Големото Заливско Подрачје Гуангдонг-Хонгконг-Макао, чиј дел е и Шенжен. Кина, како што најави, го поддржува формирањето Светска асоцијација за економска соработка на заливските подрачја, која би овозможила посилна меѓународна размена и нови форми на економско поврзување.

Во вториот дел од обраќањето, Си се осврна на економските перспективи на Кина и можностите што ги отвора нејзиниот 15-ти петгодишен план за развој. Тој соопшти дека кинеската економија во првите три квартали од годината забележала раст од 4,6 проценти, при што, како што истакна, продолжува развојот на новите производствени сили, индустриската модернизација и зелената транзиција.

Петнаесеттиот петгодишен план, според него, не претставува само развојна рамка за Кина, туку и можност за компаниите од регионот и светот да учествуваат во новите економски перспективи.

 -Тоа, всушност, претставува покана за соработка што Кина им ја упатува на деловните заедници од целиот свет, рече Си.

Кинескиот претседател ги претстави трите главни предности што, според него, Кина им ги нуди на меѓународните бизниси: огромен отворен пазар, перспективна средина за развој и услови за заемно корисна соработка.

Тој потсети дека Кина е вториот најголем потрошувачки пазар во светот и дека располага со најголема група население со средни приходи, што создава значителен потенцијал за инвестиции и потрошувачка.

Како области со нови можности ги посочи електричните и новите енергетски возила, паметните домови, сребрената економија, како и зимскиот и снежниот туризам. Најави и продолжување на активностите за олеснување на пристапот на странските производи до кинескиот пазар, вклучително и преку иницијативата „Извезувајте во Кина“.

Во делот посветен на иновациите, Си ја претстави Кина како голем простор за тестирање и развој на нови технологии, наведувајќи ги роботиката во индустријата и земјоделството, автономното возење и доставата со беспилотни летала.

Тој најави натамошна изградба на модерен индустриски систем, со поддршка за модернизација на традиционалните индустрии, проширување на новите сектори и развој на индустриите на иднината.

Осврнувајќи се на меѓународната трговија, Си потсети дека Кина во 2001 година првпат беше домаќин на Самитот на економските лидери на АПЕК, истата година кога стана членка на Светската трговска организација. Според него, во изминатите 25 години земјата ги исполнила преземените обврски и продолжила да ги споделува развојните можности со останатите држави.

Тој повторно ја потврди поддршката на Пекинг за мултилатералниот трговски систем и правилата на СТО, како и за иницијативата „Појас и пат“, повикувајќи ги компаниите од регионот Азија-Пацифик активно да учествуваат во нејзината реализација.

Си најави и натамошно отворање на кинескиот пазар преку намалување на царините, проширување на пристапот за странските компании и реформи во регулативите, стандардите и правилата за работа. Посебно ја истакна намерата за подобрување на деловните услови во производствениот сектор и постепено проширување на отвореноста во услужниот сектор.

 -Без оглед на тоа како ќе се развива меѓународната ситуација, Кина нема да отстапи од својата определба за заемно корисна соработка со сите други земји, порача кинескиот претседател.

На крајот од обраќањето, Си им се обрати на претставниците на деловните заедници од регионот, повикувајќи ги да продолжат со иновациите, претприемништвото и проширувањето на можностите за меѓусебна соработка. Тој ги охрабри и странските компании да се вклучат во реформите и модернизацијата на Кина и да ги искористат можностите што ги создава нејзиниот економски развој.

 -Да ги здружиме силите за да одговориме на предизвиците на развојот преку отворање кон светот, да создадеме нов импулс за раст преку иновации и да се стремиме кон просперитет за сите преку соработка, порача Си Џинпинг во завршницата на говорот.

Тој заклучи дека заедничките напори за изградба на азиско-пацифичка заедница се клучни за обезбедување светла иднина и одржлив просперитет на регионот.

ИЗДВОЕНИ