среда, ноември 18, 2026
Дома БАЛКАН Вучиќ на „мјут“: Креирана екстензија што автоматски го стишува екс српскиот претседател...

Вучиќ на „мјут“: Креирана екстензија што автоматски го стишува екс српскиот претседател додека зборува во Собранието

11
EPA/MARKO DJOKOVIC

По седницата на новоконституираното српско Собрание, за време на која Александар Вучиќ зборуваше со часови, се појави една необична екстензија за интернет-прелистувач. Екстензијата автоматски го исклучува звукот на преносот штом ќе детектира дека Вучиќ зборува.

Под името „Нелечени“, екстензијата е достапна бесплатно на платформата GitHub, каде што е објавен и нејзиниот изворен код.

Нејзината функција е едноставна: програмата го препознава натписот на екранот на кој е прикажано името на лицето што во моментот зборува за време на телевизискиот пренос. Кога ќе детектира име што се наоѓа на листата на корисникот, таа автоматски го исклучува звукот на видеото на YouTube. Штом ќе се појави името на друг говорник, звукот повторно се вклучува.

Екстензијата е наменета првенствено за официјалниот YouTube-канал на Народното собрание на Србија. Александар Вучиќ е веќе вклучен во стандардната листа на лица чиј звук треба да се исклучува, иако корисниците можат да ја менуваат оваа листа во поставките.

Програмата функционира како за време на преноси во живо од собраниските седници, така и при гледање снимки. Може да се користи во прелистувачот Chrome на десктоп компјутери, како и во други веб-прелистувачи. Сепак, таа не функционира во мобилната апликација на YouTube, ниту пак на видеа вградени (embed) на други веб-страници.

Авторот наведува и одредени ограничувања: доколку некое лице почне да зборува пред неговото име да се појави на екранот, звукот ќе се исклучи дури откако натписот всушност ќе се појави. Понатаму, екстензијата не може автоматски да ги идентификува говорниците во снимки што немаат натписи со имиња, како што се прес-конференциите.

За такви ситуации, предвидена е кратенка на тастатурата, која му овозможува на корисникот рачно да го исклучи или вклучи звукот.

Екстензијата сè уште не е достапна во Chrome Web Store, па затоа мора да се инсталира рачно, со користење на „режим за програмери“ (developer mode).

Според информативниот портал Nova.rs, корисниците што ја тестирале наведуваат дека програмата успешно ја извршува задачата за која е наменета.

ИЗДВОЕНИ